Владата на Мицотакис на удар за фалсификување на фактите за железничката несреќа

Во Атина почна тридневна расправа за гласање за недоверба на кабинетот на Мицотакис. Непријатни прашања за министрите по откривањето на нови детали за несреќата во која загинаа 57 лица


Владата е обвинета оти ги преправала разговорите за да изгледа дека несреќата е последица на „човечка грешка“

 

Грчката централно-десничарска влада на Нова демократија во вторник ќе се соочи со гласање за недоверба што го поттикнаа опозициските партии по извештајот во печатот кој сугерира дека разговорите меѓу работниците во возот ноќта на несреќата во која загинаа 57 лица биле фалсификувани.

Иницијативата за гласање недоверба дојде од опозицискиот Пасок и беше поддржана од други опозициски партии.

Лидерот на главната опозициска Сириза, Стефанос Каселакис, направи чекор понатаму, повикувајќи го грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да поднесе оставка и да распише предвремени избори со присуство на „меѓународни набљудувачи“.

Иако владата има силно мнозинство и најверојатно ќе го преживее гласањето, аналитичарите проценуваат дека тридневната дискусија што ќе следи ќе стави на тест многу владини претставници, бидејќи ќе треба да дадат одговори за несреќата.

Пред една година возот кој сообраќаше од Атина кон Солун со голема брзина се судри со товарен воз надвор од градот Лариса во централна Грција, при што загинаа 57 лица, главно млади студенти.

Оттогаш, напредокот на истрагата е бавен, при што опозициските партии и роднините на жртвите сугерираат дека владата се обидува да ја прикрие.

Претседателот на Пасок, Никос Андрулакис, во образложението на иницијативата во парламентот рече дека го направил тоа „затоа што на владата на Нова демократија ѝ премина во навика систематски да го поткопува владеењето на правото во нашата земја“. Потенцирајќи дека „ваш политички избор е да ја сокриете вистината“ и дека изборот на власта е „неказнување и прикривање, нанесување штета на кредибилитетот на институциите“.

Андрулакис се осврна на пишувањето на „То Вима“ велејќи дека „во медиумот е истакнато оти неколку часа по злосторството во Темпи, единствена грижа на некои во власта била комуникацискиот менаџмент и ситнопартискиот интерес“.

Тој праша: „Дали некој ги фатил разговорите, ги монтирал и ги објавил на пријателски медиум? и „кој имал пристап до тоа пред полицијата и правдата“ „кој ги преправал разговорите?

Обраќајќи му се на премиерот, Андрулакис изјави: „Дали г-дин Мицотакис ќе се извини за постапките на неговата влада и трагедијата на Темпи“, притоа додавајќи дека од парламентарците Нова демократија ќе биде побарано да одговорат дали „ ги одобруваат овие тажни манипулации?“

Во меѓувреме, роднините на жртвите собраа повеќе од 1,3 милиони потписи за петиција до Европскиот парламент, која беше поднесена неодамна.

Петицијата ја повикува ЕУ да се вклучи и да ја истражи несреќата и да ги повика политичарите – кои се заштитени со имунитет – одговорни за криминални дејствија.

Пратениците на ЕУ од сите политички групи во Европскиот парламент ја поддржаа петицијата, сугерирајќи дека институциите на ЕУ треба внимателно да го следат напредокот на истрагата.

Владата инсистира дека нема кривична одговорност, туку само политичка одговорност за министрите, тврдејќи дека инволвираните тогаш поднеле оставки.

Но, весникот „То Вима“ откри нови докази за несреќата што предизвика политички земјотрес во Атина за време на викендот.

Имено, во извештајот за печатот се сугерираше дека разговорите меѓу работниците во возот ноќта на несреќата – кои беа јавно објавени веднаш по несреќата – беа „искривени“ за да се зајакне аргументот за „човечката грешка“.

Владата го отфрли извештајот што го означи како „лажна вест“, но досега не даде конкретни одговори за тоа дали имала пристап до аудио датотеките од разговорите на работниците во возот.

Некои владини функционери, исто така, ја нападнаа групата AlterEgoMedia – каде што припаѓа весникот – мислејќи на „организирани економски интереси“, предизвикувајќи гневна реакција на медиумската група.

„Медиумите на AlterEgoMedia ќе продолжат со упорност, трпение и професионална компетентност да работат во чисто етички контекст, против владините практики што ја доведоа земјата на 107-то место во светот во однос на слободата на печатот“, рече групата во соопштение.

AlterEgoMedia беше единствената медиумска група која одби да ги прифати државните средства обезбедени од владата за време на пандемијата.

Неколку аналитичари велат дека несреќата би можела да се избегне доколку се спроведеше договорот од 2014 година за реконструкција и надградба на сигналниот систем и далечинскиот управувач на железничката пруга Атина-Солун-Промахона.

Таканаречениот „договор 717“ беше разгледан од главната обвинителка на ЕУ, Лаура Ковеси, која неодамна рече дека грчките власти поставуваат пречки во нејзината истрага.

„Ние сме блокирани да ја најдеме вистината и да ја применуваме правдата. Затоа што ако ви е забрането да ги правите истрагите, не можете да ја дознаете вистината“, рече Ковеси.

Нејзините изјави предизвикаа реакција на министерот за здравство Адонис Георгиадис кој ја опиша нејзината интервенција како „неприфатлива“ и ја надминува границата на нејзината институционална улога.

„Ако има процедура, дури и да се доведе во прашање нејзината функција, треба да го направиме тоа“, рече тој. (Еурактив, Њуз24/7)