Пожар во станбен комплекс во Тирана: Најмалку 11 повредени и голема материјална штета (ВИДЕО)
Во Тирана вчера изби голем пожар во станбено-деловниот комплекс „Арлис“, кој предизвика паника меѓу станарите и значителна материјална штета, додека противпожарните служби со часови се бореа со огнената стихија.
Според албанските служби за вонредни состојби, најмалку 11 лица се повредени во инцидентот, меѓу кои има и пожарникари. Една жена е примена во болница со изгореници, а пет лица се задржани на лекување на токсиколошкото одделение поради вдишување чад.
Пожарот зафатил дел од зградата во североисточната зона на комплексот, ширејќи се од приземјето па нагоре кон повисоките катови, при што се создадени тешки услови за интервенција и евакуација.
Во акцијата за гаснење учествувале повеќе од 50 пожарникари од Тирана и други градови, поддржани и од припадници на армијата. Иако огнот бил ставен под контрола и неговото ширење кон соседните објекти било спречено, службите нагласуваат дека интервенцијата сè уште не е завршена.
Директорот на службата за вонредни ситуации, Арбен Кара, истакнал дека пожарот е локализиран, но дека е прерано да се зборува за негово целосно гаснење, бидејќи екипите и понатаму работат на елиминирање на преостанатите жаришта во становите.
Во меѓувреме, надлежните институции ја проценуваат штетата и го утврдуваат точниот број на погодени лица, додека истрагата за причините за избувнувањето на пожарот е во тек.