Вешти лица сведочеа како екс-директорката Елена Спасеновска го исплаќала пензионерот и раководела со државните пари
БИТОЛА – Сведоци на финансиското работење на екс-директорката на Средношколскиот дом во Битола, Елена Спасеновска, и вешти лица од економска област денеска пред Основниот суд во Битола сведочеа како работела и како располагала со државните пари и ресурси и како ги применувала законите обвинетата директорка. Со усен договор ангажирала сметководствено биро и го плаќала, а на патувања во странство и на стручно усовршување одела со пензионерот Менде Петровски, му дала да користи и службен телефон две години и за тоа плаќал Средношколскиот дом.
Во Битола продолжи судењето на екс директорката Спасеновска на која и се суди за злоупотреба на службата и други кривични дела, процес поттикнат од истражувачката новинарска сторија на Анета Блажевска, новинарката од Битола, која е и дописничка на „Независен“.
Судскиот процес го води судијата Елена Журовска, а обвинението го застапува Ирена Атанасовска, од ОЈО Битола.
Во текот на судењето еден од адвокатите на обвинетата, Олег Ѓоргиев препирајќи се околу приговорите и поставените прашања за вештакот ангажиран од обвинетата, дали да продолжи со објаснување или не, на обвинителката Атанасовска и се обрати со зборовите – „Што е обвинителот, кадија те тужи, кадија те суди“, рече адвокатот при што настана расправијата на повисок тон.
На почеток сведочеше Ана Павловска сопственик на сметководствената фирма „Сејф акаунт“ од Битола ангажирана од страна на Средношколскиот дом.
„Тогашната директорка ја исконтактира мојата колешка во 2022 година, се договоривме за извршување на сметководствени работи и склучивме усен договор (1 мај 2022 до 1 мај 2023), физички договор немавме потпишано. Мојата колешка ѝ предаде договор, но кај нас не беше вратен“, рече Павловска.
Обвинителката праша дали сметководството било договорено да врши услуги за 15.000 денари месечно, и дали фактурите биле платени, сметководителката Павловска кажа – „Да“.
Обвинителката праша дали за договорот била споведена тендерска постапка, сметководителката кажа – „Не“.
„Не беше споведена тендерска постапка, затоа што во разговор со директорката кога се договаравме, таа беше советувана од советниците кои ги споведувале тендерите дека нема потреба за тендерска постапка за интелектуална услуга. Во 2023 година, друг советник не советуваше дека мора да се спроведе тендерска постапка, во тој период веќе беше доцна да се спроведи тендер во Домот, заради тоа ги распределивме факутурирањата до 60.000 денари во 2023 година, а разликата над таа сума ми беше исплаќана мене како физичко лице по договор на дело“, рече сведокот Павловска. Сметководството добило тендер дури во 2024 година.
Адвокатот на обвинетата ја праша Павловска дали биле исплаќани службени дневници за патувањата во Белград и Будимпешта во април 2023 година, на што сведокот кажа –„дневниците се внесени кај нас, се книжени, значи сѐ што донесоа од Домот сѐ е спроведено и книжено.“
На рочиштето сведочеа вештите лица Ирена Нешковска (ангажирана од ОЈО Битола) и Татјана Кузмановска (ангажирана од обвинетата).
Вештакот од економска област Нешковска пред судот кажа дека не може да споредува бројки, бидејќи вештакот Кузмановска не направила математичка пресметка за штета или прибавена корист по ни една од основите од преземните дејствија од страна на обвинетата Елена Спасеновска.
Вештакот Нешковска кажа дека на Менде Петровски му биле исплатени 103.989 денари за неискористен одмор за што не постои писмен акт од страна на Домот дека на работникот му се одбива барањето за годишен одмор. Што се однесува до исплатата на дневниците и трошоците за службени патувања во земјата и странство на Петровски (ангажиран хонорарно) и давање на користење на службен телефон, вештакот кажа дека пари се исплаќаат на вработени лица, а не на некој кој не е во работен однос, истото важи и за користењето на службениот телефон.
Вештакот Нешковска беше прашана и за непродуктините трошоци (трошоци кои немаат врска со дејноста на работодавачот) на екс директорката Спасеновска опфатени со обвинението и вештачењето. Тука беше спомнато и за купување на облека.
„Непродуктивните трошоци се поврзани со персоната, а не со дејноста, такви се на пример сметки за кафе, облека, храна, ова е во контекст на оваа институција. Трошоците за репрезентација се непродуктивни и даночно непризнати, меѓутоа трошоците за репрезентација се разликуваат од трошоците што ги прави едно лице за лични потреби“, рече вештакот.
Татјана Кузмановска, вештак предложен од обвинетата, пред судот кажа дека имала директен увид во архивската книга на Домот и дека во деловодната книга заверен е договор (од мај 2023) за ангажирање на сметководственото биро „Сејф акаунт“, но договорот не е физички пронајден го нема во досието.
Адвокатот на обвинетата Спасеновска, Полина Ѓоргиева ја праша Кузмановска дали на Менде Петровски му е „неосновано исплатен надоместок за неискористен годишен одмор, дали или не?“
Кузмановска кажа дека „не сум произнесена во поглед на основаноста“.
На прашањето од бранителот кој му ги одобрил службените трошоци и дневниците на пензионерот за службените патувања во Струга и Хрватска, вештакот Кузмановска речe: „Сите дневници за служените патувања се одобрени и исплатени… потпишани од страна на претседателот на Управниот одбор“. Дури и за службениот телефон даден на пензионерот Петровски имало одлука од УО, па и за договорот со сметководственото биро имало одлука од Управен.
Вештакот Кузмановски по ова кажа дека службениот телефон бил даден на користење на две години од февруари 2022 до 2024 година, оти за предвремено раскинување Домот ќе плаќал „пенали“.
Обвинителката Атанасовска ја праша Кузамановска, ако е неспорно дека Менде Петровски добил исплата за неискористен годишен одмор, дали за тоа имало решение? Вештакот кажа – „таков документ немаше“.
Обвинителката праша, кој се потпишал на решението за исплата на парите на Петровски, вештакот кажа – „не ми текнува“. Кузмановска на прашање на ОЈО кажа и дека при вештачењето не го имала во предвид ни Статутот на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ Битола.
Оттука обвинителката го праша вештакот –„Согласно статутот Управниот одбор не е тој кој носи финансиски одлуки, дали би се согласиле дека одговорноста за целокупното работење на Домот е на директорот?“ На ова приговараа бранителите на обвинетата, а судијата Журовска кажа дека е правно прашање на што одговор ќе даде судот.
Обвинителката праша дали Менде Петровски бил вработен во домот кога УО донел одлука Менде и Елена да одат на семинар во Струга во октомри 2022 година? На ова вештакот Кузмановска потврди дека Петровски бил вработен заклучно со јуни 2022, па рече дека „бил ангажиран со договор на дело, што значи не бил вработен“.
Во однос на паралелата за договор на дело и договорот за јавна набавка, обвинителката праша дали за ангажираните лица биле спроведена постапка за јавни набавки, тогаш вештакот кажа дека -„во документацијата не видов спроведена постапка за јавни набавки“.
Судењето на Елена Спасеновска продолжува на 1 јуни годинава со нејзино сведочење, а завршните зборови се на 8 јуни годинава.
Инаку во случајот кога Елена Спасеновска ја тужи новинарката Анета Блажевска заради погоре наведеното, на судењето како сведок беше испрашуван претседателот на Управниот одбор на ДУД „Мирка Гионова“ Тонче Целевски.
Претседателот на УО, Целевски како сведок кажа пред судот дека бланко ги потпишувал налозите за службените патувања на директорката.