Венецијанската комисија внесе немир во коалицијата


Фото: Б. Грданоски

Додека функционери на ДУИ се обидуваат да го релативизираат првичното мислење на Венециската комисија за Законот за употреба на јазиците, премиерот Зоран Заев изрази подготвеност Владата да ги спроведе забелешките на експертите во врска со регулативата чие донесување произлезе од договорот што тој го постигна со Али Ахмети пред формирањето на коалицијата. Сепак, сите во државниот врв засега се со единствен став во однос на тоа дека мислењето на Венециската комисија, кое протече во медиумите, е начелно и нецелосно и дека треба да се почека конечната верзија на извештајот. Шефот на државата дури предупреди дека начелното и парцијално мислење во однос на законот за јазици е пробиено поради нечии политички цели.
Претходно пратеникот на ДУИ, Артан Груби, коментираше дека цената на мирот е неспоредлива со цената на имплементацијата на законот, односно дека со законот е купен мир. Во врска со оваа изјава, Заев рече дека законот е човеково право што произлегува од правото на употреба на јазици и дека јазикот е средство за разбирање, за животот да ни биде полесен.
Инаку, Груби е претседател на собраниската Комисија за европски прашања, преку која се спроведе процедурата за донесување на Законот за употреба на јазиците, за парламентарното мнозинство да се справи со опструкциите од парламентарната опозиција. Така, Законот беше донесен со европско знаменце и во скратени рокови, посебно во делот на амандманската расправа, наспроти обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ја минира регулативата со поднесување неколку десетици илјади предлози за промена на текстот што го предложи владата. Потоа, Законот за јазици доби „апсолутно вето“ од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, па неговото стапување на сила беше овозможено дури една година по донесувањето, така што беше објавен во „Службен весник“ само со потпис на спикерот Талат Џафери, а заедно со Законот за ратификација на Преспанскиот договор.
Согласно новиот Закон за употреба на јазиците, формирана е Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Исто така, на тековната собраниска седница на дневен ред е законот со кој се формира инспекторат за употреба на јазиците. Конституирањето на инспекторатот доцни извесно време, така што вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пред неколку седмици самоволно замина во инспекција низ институциите за да провери да ли се применува Законот, чие донесување беше една од основните точки во договорот за коалицирање меѓу СДСМ и ДУИ, а опозицијата се обиде да го стигматизира нарекувајќи го „Тиранска платформа“.
Османи вчера, коментирајќи за мислењето на Венециската комисија, изјави дека треба да се почека конечен извештај, по што ќе се види што од тоа може да одговара на нашиот политички контекст, а „што е спротивно од нивните согледувања, спротивно од Рамковниот договор и спротивно од нашите погледи како треба да го развиваме нашето мултиетничко општество и мултиетничка држава“.
Вицепремиерот посочи дека комисијата е советодавно тело, кое дава мислења по однос на законски решенија за кои ние бараме мислења, но, нагласи, не е точно дека има дадено некаков извештај.
– Тоа се работни верзии во моментот, кои даваат размислување на известувачите по однос на впечатокот што го добиле од еднодневната посета во Скопје на 7 септември и за тоа треба дополнително да се разговара во Венециската комисија и да се донесе конечна одлука – рече Османи.
Според него, Венециската комисија до крајот на оваа година, веројатно, нема да ги разгледа работните верзии и да донесе конечен извештај.
– Ќе коментираме конечна верзија. Има работни верзии, нема извештај. Јас сум видел работна верзија во која се вели дека двојазичноста на банкнотите и на униформите на војската е добра. Затоа велам дека тоа се работни верзии, што даваат различен поглед на различни известувачи по однос на прашањето – рече Османи. Според него, секое враќање назад ќе значи отворање на Рамковниот договор и нови преговори. Сепак, Османи посочи дека конечните препораки од Венецијанската комисија ќе се разгледаат и ќе се земат предвид, но дека одлуките се носат во Собранието.
Претседателот Стево Пендаровски изјави дека тој уште во изборната кампања ја потенцирал потребата од подигнување на нивото на употребата на албанскиот јазик во земјава. Но посочи дека во врска со укажувањата на Венецијанската комисија е потребна претпазливост.
– Во однос на конкретното прашање, мораме да внимаваме. Значи, станува збор за нацрт на документ кој е пробиен предвреме, претпоставувам од нечии лични или политички причини. Да почекаме да биде официјално објавен. Јас би сакал да видам дали тоа што е објавено на една или две страници, а документот има многу повеќе страници, ќе остане со истите формулации до крај – рече Пендаровски. И тој најави дека ќе се произнесе за овој случај откако ќе има конечна и официјална верзија на документот.

Законот за јазиците задоцни во Советот на Европа

Во политички кругови, како потенцијален проблем во однос на мислењето на Венециската комисија, се спомнува тоа што Законот за употреба на јазиците беше испратен во ова тело дури откако беше донесен. Со тоа, евентуалната потреба од подрастични интервенции во оваа регулатива, како што се проценува, ќе биде комплицирана работа, не само поради тоа што може да предизвика превирања во владејачката коалиција, туку и затоа што може да се толкува како одземање на еднаш стекнато право на одредена етничка заедница. Од друга страна, други закони, посебно оние што се донесуваа со европско знаменце, во најголем дел одеа на оценување во Венециската комисија во текот на постапката за нивно донесување – за да може навреме да се интервенира доколку има забелешки на првичниот текст. Во последниот период, таков беше случајот со новиот Закон за судови, кој беше донесен со консензус меѓу власта и опозицијата. „Навреме“ во Венециската комисија беше испратен и неодамна донесениот Закон за заштита од дискриминација, за кој потоа долго се развлекуваше процедурата за донесување во македонскиот парламент, главно поради тоа што ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ имаа забелешки за предложениот текст, посебно во делот на правата на ЛГБТ-заедницата.
Според оценките на Венециската комисија, Законот за јазиците ќе го загрози функционирањето на целиот судски систем бидејќи оди предалеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка. Александра М. Митевска