Велика Британија обвини капетан на танкер од руската „флота од сенка“ за кршење на санкциите
Британското обвинителство поднесе обвинение против капетанот на танкер од руската „флота од сенка“, кој беше задржан од британски командоси, поради заобиколување на санкциите воведени кон Русија, соопшти Националната агенција за борба против криминалот на Велика Британија.
Триесет и осумгодишниот капетан Аџај Пант, индиски државјанин, е обвинет за „директно или индиректно снабдување или транспорт по море на санкционирани нафтени производи од Русија кон трета земја“, се наведува во соопштението на Агенцијата.
Оттаму додаваат дека Пант подоцна денеска ќе биде изведен пред Магистратскиот суд во Саутемптон. Останатите 24 членови на екипажот, кои се државјани на Индија и на Грузија, во моментов се наоѓаат на танкерот.
Британски командоси во неделата спроведоа операција во Ла Манш и се качија на танкерот „Смиртос“, кој плови под знамето на Камерун и се наоѓа на британската санкциска листа од јули минатата година. По неговото задржување, бродот беше закотвен крај брегот на грофовијата Дорсет во југозападна Англија.
Од почетокот на војната во Украина, Лондон стави на листата за санкции речиси 600 бродови од руската „флота од сенка“.