Вакцини за основно, а приемни за високо образование

АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

Квалитетот на високото образование во државава опаѓа. Платите на универзитетскиот наставен кадар се паднати под секое ниво. Во постојан пад е и бројот на новозапишани студенти на сите универзитети во земјата. Во високото образование расте само бројот на факултети и универзитети. И јавни и приватни.

Висок политички претставник на Министерството за образование и наука вели недостигале закони и законски измени. Чудно, бидејќи нов Закон за високо образование е донесен пред само една година, но состојбата од тогаш до денес не е подобрена на ниту еден универзитет во државава. Ниту се формираше долгоочекуваниот Национален совет за високо образование, ниту се формираа нови и демократски студентски организации, ниту се сменија наставните планови и програми на факултетите, ниту, пак, се укина некој од „дивите“ универзитети со познати ценовници за издавање дипломи.

Една година и еден месец УКИМ функционира според правилата на новиот Закон за високо образование и речиси исто толку време вработените и студентите на УКИМ немаат статут. Со години студентската организација на УКИМ е непостоечка, поточно нелегална и нелегитимна. Впрочем, пред неколку години прогресивната младина токму од УКИМ се крена на нозе прво против оние кои им ја узурпираа студентската организација наречена Студентски парламент, а после и против оние што им ја узурпираа државата, па затоа беа тепани и приведувани од единиците за брзо распоредување на Министерството за внатрешни работи. Денес, и после новата влада, и после новиот Закон за високо образование, имаме непроменета нефункционална, нелегална, нелегитимна, невидлива и непостоечка студентска организација.

Можеме да мудруваме колку сакаме, да носиме најсовремени закони за кои разни меѓународни организации ќе нè удираат по рамо и ќе ни аплаудираат, сепак, вистината е една – ништо нема да се смени во високото образование во државава доколку не се намали бројот на универзитети, факултети и студиски програми. Конкретно, доколку не се затворат не само нелегалните, туку и непотребните шалтерчиња за дипломи кои не исполнуваат услови да се нарекуваат високообразовни установи и не продуцираат ништо друго освен срам за целата држава. И, конечно, враќање на приемните испити за студирање.

Паралелно со процесот на проверка на квалитетот на целиот наставо-научен кадар со кој располагаат универзитетите, потребно е да се изврши коренита и кадровска промена во Државниот просветен инспекторат. Овој државен орган, посебно неколкутемина „водечки“ кадри со кои располага неговата „централа“ во Скопје, треба да послужи како предмет за магистерски и докторски истражувања со заклучоци како државата не треба и не смее да работи.

Има уште многу да се зборува за состојбите во македонското образование. Уште повеќе може да се работи во оваа област. Но во овој момент се чини побитна една состојба која ги тангира едновремено основното образование и здравствената заштита. А, тоа е задолжителната вакцинација и нејзиното спроведување. Читаме и гледаме како министри од речиси сите ресори се трудат да преговараат, да се убедуваат и да ги измолат антиваксерите да ги вакцинираат своите деца со задолжително пропишаните вакцини.

Во меѓувреме заради филмот во кој се влезени и живеат овие луѓе, заради нивното помодарство, а најмногу поради неедуцираноста и неукоста, речиси секојдневно од морбили се разболуваат бебиња. Се разболуваат и поголеми дечиња. И мајки и татковци се разболуваат. Најстрашно од сè е што неколкумина не ја преживеаја болеста, поради што сите останати живеат во страв и паника. И, при сето ова, некој го поставува прашањето за законитоста на забраната за упис во училиште на деца што не се вакцинирани!? Па, и дебати се водеа по ова прашање. И никој не спомнува дека Уставот на државата предвидува должност за секој граѓанин да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Со други зборови, тоа значи – секој родител има должност да го вакцинира своето дете за да може да го запише во училиште! Зашто само така се грижи за здравјето на своето дете и го чува здравјето на учителките, учителите и другите деца со кои детето ќе стапува секојдневно во контакт. Затоа, непотребни се разговори и преговори на тема дали Министерството за здравство има право да пропише обврска за задолжително вакцинирање на сите деца чие спроведување ќе ја реализира Министерството за образование преку забрана на уписот на невакцинирани деца во училиште.

Пред многу години добив стипендија за едногодишен престој на Државниот универзитет во Флорида на Факултетот за јавна администрација. Прва задача по пристигнувањето (пред да ми започне семестарот и предавањата) ми беше да ги подготвам и приберам сите документи за упис на детето во училиште. Мислев долго ќе талкам по општинската и училишната администрација. Наместо тоа, сите беа љубезни во доволна мера за човек да се почувствува добредојдено, но и да му стане јасно дека има неколку едноставни правила без чие исполнување нема школување на неговите деца.

Не беше тоа ниту познавањето на англискиот јазик, ниту претходната школска подготовка, ниту каков било документ за тоа. Постојат само два услова: прво, детето ќе учи во училиштето што е најблиску до неговиот дом (живеалиште) и второ, детето треба да ги има примено сите вакцини во дози наведени во списокот кој се издава на родителот. Толку! Ни тест за знаење, ни цртежи, ни разговори, ништо. Јас требаше да го донесам само картончето во кое беа наведени вакцините што син ми ги примил во нашата држава. Без судски превод, без нотарска заверка, без формалности, малтретирања и трошоци. Само картончето со печат и потпис покрај датумот на примената вакцина во некој од детските диспанзери. Во тоа време вакцината за хепатит не беше пропишана како задолжителна за нашите деца, но беше задолжителна во Флорида. Ми укажаа дека таа недостига во картонот на детето и ме прашаа кој термин од двата неделно ми одговара да го однесам син ми на вакцинација.

Не, не, љубезноста и рутинската насмевка на службеничката не оставаа никаков, ама баш никаков простор за разговор односно изговор. Зедов воздух подготвена за долг монолог со милион аргументи кои ми навираа во глава, но веќе од погледот на жената зад бирото ми беше јасно дека е најдобро само да изберам датум за вакцинирање и да го однесам син ми во најблиската амбуланта. Моите аргументи, моето законодавство, моите стравувања и трауми или стравувањата и траумите на моето дете не би можеле никако да ја сменат или намалат грижата на оваа службеничка за здравјето на нејзината нација, за здравјето на нејзината држава во која ние се сме дошле привремено да престојуваме. Уште помоќно во нејзиниот непроменлив и неумолив став и поглед изгледаше нејзината верба во својата држава. Во институциите, во прописите што тие институции ги изготвиле. А, кога постои силна верба во прописите, тие се извршуваат без никаква принуда. Нешто што одамна го немам видено кај ниту еден службеник во нашата држава.

Мојот првороден син се вакцинираше од хепатит во Талахаси, Флорида, за да се запише во училиште. Ми се чини од тој момент па натаму му стана јасно што значи систем. Систем на правила. Тој и сега го почитува тој систем на правила, но таму, кај нив. Мојот второроден син е исто така вакциниран од хепатит и тоа во Скопје. За само една-две години од нашето враќање дома и кај нас оваа вакцина стана задолжителна. Многу нешта кај нас се задолжителни, исто како во другите држави. Прашање е дали е воспоставен системот на вредности кој во тие држави ги тера граѓаните да ги почитуваат и исполнуваат пропишаните задолженија.