Уметноста и демократија


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Помина една седница од завршувањето на изборите за претседател на Републиката. Направени се многубројни аналитички обиди за откривање на подземните води кои ги полнеа избирачките кутии. Оваа моја размисла не е уште еден задоцнет или нов откривачки обид во таа насока. Целта ми е на изборите да погледнам од перспектива на уметноста. Социологијата, според некои водечки автори (Роберт Низбет), не е просто само научна туку и уметничка форма. Оваа перспектива ми се чини релевантна, не поради политичките намери и пракси на уметниците, туку поради уметничките перформанси на политичарите.

Секако, не ја спорам политичката улога која во изборите ја играа уметници и други од културата. Едночинката со метлата, на пример, беше моќна, но не дефинирачка. Тоа беше чисто политички чин изведен од уметник. Во него не видов уметност. Повеќе уметност наоѓам во изборните стратегии и тактики на власта, но и во гласачкото однесување на независните граѓани, отколку во конкретните изборни активности на овој или оној уметник или културен деец. Но за совпаѓањето на вкусовите не разговараме, нели! Иако усогласеноста како идеја е централна и за уметноста и за политиката. Уметникот тежнее кон ускладување на сопствениот вкус, а политичарот кон ускладување на ставовите и мислењата.

Мојата теза е дека изборите беа смислени и изведени до крај, токму благодарение на одредени уметнички инспирации и пракси на стратезите од власта. Уметничките инспирации и изведби на политичарите не само што беа поважни од политичките перформанси на уметниците, туку тие ги обликуваа активностите на вторите. Политиката и овој пат беше пред културата и уметноста. Не само заради тоа што изборните дејствија се одвиваа на сцената на политиката, а не во галерија или театар, туку, пред сè, и заради надмоќта на политичката сфера над сè друго, па и над уметноста.

Изборите се суштината на претставничката демократија, а демократијата е најприфатената политичка форма денес. Политиката, според многумина нејзини познавачи, била и е уметност на можното. Убеден сум дека овие избори беа изведени токму како што уметникот ја изведува својата творба – креативно и умешно. Стратезите на СДСМ и неговите коалициски партнери смислија и реализираа стратегија за навлекување на ВМРО-ДПМНЕ во изборна трка до крај. Спротивно на искуствено потврдените сознанија дека во трката за претседател секогаш победувал кандидатот на власта и секогаш во вториот круг (освен Киро Глигоров), со гласовите на партнерот кој контролира доволен број од етнички албанските гласови.

Власта го изведе тој стратегиски план според формулата „да не се сетат Власите“ – изборите поминаа мазно, а го дадоа планираниот резултат. Со дозирана изборна мобилизација на најлојалниот сегмент од членството на двата главни коалициски партнери, опозицијата беше вовлечена во приказната за лисицата и прчот. Пораст на излезеноста во вториот круг скициран со четкичка од најтенко влакно го покажа тоа. Виртуозно изведено политичко дело. Уметничко дело пар екселанс – со креативност во замислата и мајсторство, занаетчиство, во изведбата. Тоа е, нели, двојното значење на латинскиот термин ars или англискиот и францускиот art кои, на македонски, ги преведуваме и како уметност и како умешност.

Претседателските избори беа конкретен и актуелен пример со кој се илустрира тезата за политиката како уметничка форма и како умешност неможното (замислата) да се направи можно. Таа кажува дека уметноста е објективизација на различни субјективни (лични и колективни) сензибилитети – лутина, стравови, фантазии, желби и страсти. Политиката е секогаш посегање по неможното, а успешна и жива е онаа политика која неможното го прави стварност. За тоа уметноста е незаменлива политичка пракса. На тоа подучуваат, на пример, фреските со кои е декорирана салата на Советот на Република Сиена од средновековна Италија. Особено поучни се фреските Алегорија на доброто владеење и Алегорија на лошото владеење.

Фрескописот го извел уметникот Амброџио Лорензети, во периодот кога со Републиката во 14 век управувал Совет од девет управители. Советот имал за задача да ги гарантира мирот и безбедноста на граѓаните како претпоставки за просперитетот на градот и неговите околни села. Деветте члена на Советот се избирале на лотарија на секои два месеци! На тој начин било ограничено влијанието на неколкуте најмоќни семејства (аналогно на партиите денес) чие лошо владеење во претходните периоди условило големи конфликти и војни меѓу жителите на градот.

На барање на Советот, уметникот Лорензети ја украсил салата на мирот со три композиции. Главната фреска ги претставува ефектите од доброто владеење. Четвртата композиција ги претставува ефектите од лошото управување. На тој начин, уметникот ја објективизирал политичката порака која го обединувала градот и на чие остварување работел Советот, но и уметникот. Уметникот ѝ дал на политиката уметничка форма.

Но фрескописот не е вреднуван единствено поради тоа. Политичката порака која ја соопштува е една работа. Исто толку важни, а од уметничка перспектива уште и поважни, се сметаат естетските квалитети низ кои е артикулирана таквата порака. Уметноста значи стои пред политиката.

Денес сме далеку од средниот век. Претставничката демократија и со неа изборната демократија го истисна уметничкото од политиката. Тоа во неа опстојува уште само како инструмент. Демократската политика и изборите се сведени на спектакл. Изборната демократија како да го поништи уметничкиот карактер на политиката. Сè што остана од уметност во изборната политика е „уметноста“ на паноата, на летоците и слични изборни реквизити. Алексис де Токвил, уште во 1840 година, ќе заклучи дека демократијата наметнува култура и уметност која, пред сè, е забава и тоа за малку пари. Да се потсетиме само на насмеаните ликови на врвни политичари од опозицијата на сцени од „Шарената револуција“. Шарањето на јавните објекти го практикуваа како забавна политичка уметност, нели! Таква јавна уметност поддржуваше и претходната власт и не само со проектот „Скопје 2104“.

На овие избори, обратно, власта изведе уметнички политички перформанс. Опозицијата си остана верна на својата наивна уметничка инспирација дека волјата да се „црта“ е најважна. Или, можеби, сè беше само куклен политички театар, во чиј мизансцен се решаваше судбината на СЈО и аферата „27 април“?