Украина тврди дека извршила напади врз цели во Каспиското Море и врз нафтена инфраструктура длабоко на руска територија


Украина соопшти дека извршила напади во Каспиското Море врз нафтена платформа, руски военен брод и пловила за кои тврди дека превезуваат воен товар поврзан со Иран, како и врз нафтена рафинерија во Западен Сибир.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека украинските сили постигнале „многу сериозни резултати“ со нападите во Каспиското Море, вклучително и врз руски воен брод и пловила што, според него, се користат за транспорт на воен товар поврзан со Иран. Тој не даде дополнителни детали за погодениот воен брод.

Украинската служба за безбедност соопшти дека украински дронови ја погодиле нафтената платформа „Филановски“ на руската компанија „Лукоил“ во Каспиското Море. Според Службата, цели на нападот биле и товарните бродови „Порт Оља 2“ и „Бегеј“, за кои се претпоставува дека вршат транспорт на воен товар меѓу Русија и Иран.

Напад со украински дрон предизвикал пожар во нафтена рафинерија во Тјумен, во Западен Сибир, соопштија локалните руски власти. Објектот се наоѓа на оддалеченост повеќе од две илјади километри од Украина што, според агенциите, укажува на зголемен дострел на украинската кампања со напади со дронови врз руската енергетска инфраструктура.

Гувернерот на Тјуменската област, Александар Моор, соопшти дека итните служби работат на местото на нападот, без да даде дополнителни детали.

Рафинеријата има номинален капацитет од околу осум милиони тони годишно. Според проценки на претставници од секторот, таа преработува околу шест милиони тони сурова нафта годишно и произведува приближно 500 илајди тони бензин и 2,5 милиони тони дизел-гориво.

Евентуалниот прекин на производството, според проценките, би можел дополнително да го зголеми притисокот врз рускиот пазар на горива каде недостигот се продлабочува од мај, кога Украина ги засили нападите врз нафтени рафинерии за да го намали воениот капацитет на Русија.

Украински дронови нападнале и други руски региони. Руската компанија за онлајн-тргување „Вајлдберис“ ги евакуирала вработените од логистички центар во Екатеринбург. Компанијата соопшти дека објектот не бил оштетен и дека работата наскоро ќе биде обновена.

Гувернерот на Свердловската област, Денис Паслер, изјави дека нападот бил одбиен, но дека паднати остатоци од дрон предизвикале пожар. Тој додаде дека нема повредени лица или штети врз трговски објекти и инфраструктура.

Гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, соопшти дека бил извршен масовен напад со дронови и ракети. Според него, четири лица биле повредени во Ростов на Дон, а уште едно лице во Красносулинскиот реон. Оштетени биле станбени објекти, магацини и инфраструктура.

Вршителот на должноста гувернер на Белгородската област, Александар Шуваев, исто така соопшти дека имало напад со дронови при кој биле повредени четири лица.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала 328 украински дронови во текот на ноќта.