Спасени 12 лица од глисерот што потона кај Сулавеси, се трага по капетанот
Спасувачките екипи во Индонезија ги пронајдоа живи 11-те европски туристи и еден локален член на екипажот кои се водеа за исчезнати откако глисерот со кој патувале се распаднал и потонал поради лошите временски услови кај островот Сулавеси.
Во тек е потрага по 29-годишниот капетан на пловилото.
Глисерот во вчера изутрината испловил од нуркачкиот центар во провинцијата Централен Сулавеси кон пристаништето Мариса во соседната провинција Горонтало. Потрагата започнала дури попладнето и продолжила во текот на ноќта.
Во пловилото имало петмина Холанѓани, тројца Германци, по еден државјанин на Чешка и Белгија, една Французинка и двајца индонезиски членови на екипажот.
Тимовите за спасување пребаруваат околу 300 квадратни наутички милји море долж и околу заливот Томини, позната туристичка дестинација за морски туризам со десетици острови. Во потрагата се користат и дрон со термовизиско снимање, како и нуркачка опрема.
На морето денеска дува силен ветер, а висината на брановите достигнува и до 2,5 метри.
Спасените патници кои се наоѓаат во одморалиштето во Точо Унауна, изјавиле дека чамецот се распаднал на два дела за време на пловидбата по невреме. Тие успеале да стигнат до спасувачки сплав, додека капетанот се одвоил од групата и, според нивните наводи, останал на еден од деловите на глисерот.
Индонезија е архипелаг со повеќе од 17 илјади острови, каде што чамците се едно од најчестите превозни средства. Несреќите се чести поради послабите безбедносни стандарди и проблемите со преоптовареноста на пловилата.
На 15 јули, чамец со 76 лица потона кај островот Селајар, при што четири лица загинаа, а 14 се водат како исчезнати.