Катарскиот премиер ги повика сите страни на дијалог и почитување на американско-иранскиот меморандум


Катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеик Мухамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани, ги повика сите засегнати страни да се посветат на дијалог и целосно да ги спроведат одредбите од меморандумот за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Иран.

Како што пренесува „Ал Џазира“, тоа подразбира обезбедување на слободата на пловидба во Ормуската Теснина, зачувување на регионалната безбедност, заштита на постигнатите резултати и зајакнување на стабилноста во регионот.

– Спроведувањето на меморандумот е од суштинско значење за зачувување на регионалната безбедност, заштита на постигнатиот напредок и зајакнување на стабилноста – истакна шеикот Мухамед.

Тој повтори дека Катар дава целосна поддршка на сите напори за деескалација на тензиите и за постигнување сеопфатен договор кој би обезбедил траен мир во целиот регион.

Катарскиот премиер ова го изјави за време на средбата во Доха со новиот британски министер за надворешни работи, Ед Милибанд. Според соопштението на катарското Министерство за надворешни работи, двајцата официјални претставници разговарале за билатералната соработка и за најновите случувања во регионот, со посебен фокус врз дипломатските напори и координацијата насочена кон намалување на тензиите.

Шеикот Мухамед исто така му ја честиташе на Милибанд новата функција шеф на британската дипломатија.