Украина го поправи оштетениот дел од нафтоводот Дружба
Украина заврши со поправка на оштетениот дел од нафтоводот Дружба и се подготвува за повторно пуштање во употреба, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, предупредувајќи дека нема гаранција дека Русија нема повторно да го таргетира нафтоводот.
Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта на платформата Икс му се заблагодари на Зеленски за поправката на нафтоводот, што според Киев беше оштетен при руски напад со дронови.
Поправката на Дружба е спорно прашање поради што беше одложено одобрувањето на кредит од Европска Унија за Украина во висина од 90 милијарди евра.
Унгарија и Словачка два месеци не добиваа руска нафта преку Дружба, поради што Будимпешта и Братислава ја обвинуваа Украина дека ја опструира доставата.
Претходно Зеленски изјави дека не сака да дозволи руската нафта да поминува низ неговата земја.