Туристите седат по хотели зашто не сме им понудиле да шетаат


Фото: Б. Грданоски

Нов закон за туризам и нова стратегија во туризмот се неопходни за развој на секторот но тоа нема да значи поттик за масовен туку за екотуризам. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најавуваат промена на начинот на субвенционирање.

„Субвенционирањето треба да продолжи, но на многу видоизменет начин кој ќе кореспондира со стратегијата која ја подготвуваме заедно со Министерството за економија и со Светска банка. Поддршката треба да помогне за натамошно развивање и стабилизирање на туристичките продукти, да развие нови атракции и ќе го зајакне локалниот економски развој. Потребно е субвенционирањето да се измени во сезона и надвор од сезона како и да имаме изедначување на пазарите, секој пазар подеднакво да се субвенционира“, вели директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски.

Како субвенции лани биле исплатени 77 милиони денари или 1,2 милион евра. Тоа е 1,62 евро по глава на странски турист. И тоа не се многу пари, но проблемот се покажува кога ќе се види дека 84 проценти од овие пари ги зеле само два тур-оператопери – ТУИ и „Корендон“, а за сите други остануваат 16 проценти. Новиот начин на субвенционирање треба да го смени токму ова.

Во делот на парите во туризмот влегува и наплатата на туристичката такса, поточно нејзиното избегнување.

„Неплаќањето туристичка такса повлекува неплаќање и на други даноци. Тоа е нерегистрирање на туристите и немање вистинската слика на туризмот колку може и колку знае“, објаснува Јаневски. Смета дека грижата за плаќање туристичка такса треба да биде двострана и од граѓаните и од институциите.

„Не треба да се жалиме дека има нелојална конкуренција ако премолчуваме за нашиот прв комшија кој издава вила и не плаќа ништо. И не можеме да останеме рамнодушни ни како комори ни како туристички работници на одредени случувања во туризмот. Стратегијата во туризмот треба да се гради од долу нагоре. Агенцијата е отворена за сите предлози и заеднички со туристичкиот сектор ќе ги вградиме во новиот закон за туристичка дејност, кој е во подготовка“, укажува Јаневски.

Тука треба да помогне поголемата ажурност на локалната самоуправа, поголемиот број на инспектори и формирањето на туристичката инспекција како почеток кон регулирање на туристичкиот сектот во државата.

Иднината на македонскиот туризам, според Јаневски, не е во масовен туризам.

„Според мои истражувања, Македонија во сезона не може да прими повеќе од 1,5 милион туристи бидејќи тие се концентрирани во 4 до 5 месеци. И доколку прими, ќе падне квалитетот на услугата, ќе имаме амортизирање на дестинациите и нема да можеме вистински и професионално да управуваме со истите, па тогаш ќе ни случуваат проблеми со неподигнат смет, со вода, канализација, струја, со јавниот превоз, голем метеж и оптоварување на инфраструктурата. За ова да не се случува, а сепак бројот на туристи да надмине 2 милиони, домашни и странски, во текот на годината треба да придонесат субвенциите за туристи надвор од сезона. Натамошен чекор би бил субвенциите во руралните средини да бидат поголеми, со што ќе се овозможи разместување на туристите по региони. Дополнително, неопходно е стимулирање на реставрирање и обновување на селските куќи и обучување на локалното население за алтернативните форми на туризам и создавање водичи по екотуризам. Ние сега имаме водичи во планина кои не се водичи за туристи, туку се водичи во планина за безбедни дестинации“, објаснува Јаневски.

Ова би влијаело на локалниот економски развој, на намалувањето на миграцијата и создавањето на зелени работни места, кои се основа на екотуризмот.

„Екотуризмот треба да биде темел за македонскиот туризам во наредните 15-20 години. Сега во Македонија доаѓаат авиони што носат туристи кои седат по хотели. Тоа не е затоа што не сакаат да шетаат, туку затоа што не сме им понудиле аранжмани да шетаат. Ова значи дека треба бројот на тур-оператори кои работат на дојдовни гости и нудат систем на ѕвезда – секој ден посета на различно место, па од Охрид може да се оди до Битола, на Пелистер, на Галичица, прошетка со брод, да се качат на Самуилови тврдини, да одат на гастрономска вечер, да посетат селско семејство“, посочува Јаневски.

Девизниот прилив во туризмот во 2018 е зголемен за 16,7 отсто и изнесува 381,5 милиони долари.

Анита Салтировска

Фото: Б. Грданоски