Државата си ги бара назад субвенциите за 2024 од некои тутунари

Платежната агенција наведува дека дека 91 тутунар треба да вратат 20 милиони денари, бидејќи една количина на тутун сработиле, а друга повисока пријавиле за да земат субвенции


Непријатната „честитка“ од државата за некои тутунари

 

БИТОЛА – Лош абер стигна од државата до тутунопроизводители да ги вратат парите од субвенциите за реколтата 2024 година, исплатени во 2025 година. Во барањата испратени од Платежната агенција на адреса на тутунари се бара поврат на средства и до 6 илјади евра од производител. За да биде нервозата поголема овие пари треба да се уплатат на сметка на Платежната агенција во рок од 15 дена од добивањето на решението.

Образложението на Платежната агенција е дека 91 тутунар треба да врати пари од субвенциите во висина од над 20 милиони денари, бидејќи една количина на тутун сработиле, а друга повисока пријавиле за да земат субвенции.

Игор Мирчески, поранешен координатор на тутунарски здруженија коментира: „Само сиромасите во оваа држава одговараат и закон ги фаќа, сите други можат да крадат и злоупотребуваат неказнети. Удри по тој што е немоќен, тој не може да врати. Е ова е тоа, тренираме држава врз сиромашниот народ.“

Доставените решенија предизвикаа револт и забуна кај тутунарите кои веќе два месеци ги чекаат субвенциите за последната реколта. Дел од тутунарите, пак,  ја оправдуваат Платежната агенција дека нечесно заработените пари треба да се вратат.

Националната земјоделска мрежа чии претседател е Ѓеорги Каракашев, испрати соопштение до јавноста во кое побара одговор од Платежната агенција и МЗШВ зошто до тутунари се испратени писмени барања да вратат средства.

„Според информациите од теренот, до членовите на НЗМ и останатите земјоделци пристигнуваат писмени известувања од страна на Платежната агенција со кои се бара да ги вратат парите добиени за предадениот тутун од реколтата 2024 година.

Ова создава непријатна состојба и несигурност кај производителите во период кога средствата се веќе вложени во новото производство. Националната земјоделска мрежа јавно ги повикува надлежните институции да дадат прецизен и јавен одговор по кој основ се бара повратот на овие средства. НЗМ нагласува дека земјоделците заслужуваат да ја знаат вистината за ваквата одлука, особено што станува збор за законски остварено право на субвенционирање“, реагираат од НЗМ.

Во коментари на социјалните мрежи  земјоделците пишуваат: „Беспарицата во буџетот го натера Цветанчо да посегне и од џебот на тутунарите“, „Не мачкајте очи со лута пипер, близу е до блокади“, „Ова е само начин за да не ги исплатат субвенциите.“

Други тутунари пак поддржуваат дека ако не биле реално прикажани количините на предаден тутун, парите треба да се вратат во касата на државата и да се исплатат субвенциите за годинава.

„За пријавени површини, а ненасадени со тутун и со други култури земале бесправно субвенции, е сега ќе ги вратат“, велат тутунари.

По низата реакција со соопштение се јави и Платежната агенција, која е надлежна за прием на барања за исплата на субвенции, нивна обработка, спроведување на контроли (административни и на терен) и на крај исплата на средствата. Од Платежната велат дека тврдењата од страна на производителите на тутун дека не знаат зошто им се бара поврат на пари, не се точни, бидејќи во секое изготвено решение наведено е точно каде и за колкав процент отстапува пријавеното од страна на земјоделецот со реалното сработено на терен.

„Со последните направени контроли, за подмерка 1.9, Директни плаќања за договорен и продаден ориентален, ароматичен, необработен тутун од реколта 2024 година од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2025 година, констатирани се разлики кај 91 тутунопроизводител. Според Законот за земјоделство и рурален развој, изготвени се решенија за поврат на средства во вкупен износ од 20,9 милиони денари“, се наведува во соопштението од Платежната агенција и се потенцира дека за службите да бидат сигурни во донесените одлуки, Агенцијата извршила дополнителна проверка при што утврдила дека кај дел од тутунопроизводителите констатирана е разлика поголема од 30%, помеѓу пријавените капацитети и капацитетите кои се утврдени со контролите.

Платежната агенција за одговорноста за ваквата ситуација прстот го впери кај самите тутунари, па наведува дека одговорност имаат самите земјоделци кои не реално ги пополнуваат апликациите и си ја доведуваат во прашање државната помош во субвенции.

„Се надеваме дека и здруженијата на земјоделци од сите гранки, знаат, информирани се и треба навремено да ги информираат своите членови дека субвенциите не се поврзани со реколта туку со капацитетите пријавени во тековната 2025 година“, наведуваат од Платежната.

Инаку субвенциите на тутунарите како најбројни производители во државата обично се исплаќаат во април, но годинава сѐ уште нема исплата за последната реколта. Тутунарите секој ден прашуваат кога парите ќе легнат на нивните сметки, но засега нема најава.