Трипуновски објави дека средствата од ИПАРД пак се достапни за земјоделците
Според министерот, Брисел утврдил дека нема никакви неправилности во постапките со ИПАРД средствата
БИТОЛА – Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски денеска објави дека ИПАРД средствата повторно се достапни на располагање за земјоделците и дека истрагата покажала дека немало неправилности во постапките.
Министерот им порача на земјоделците „да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат нивното земјоделско производство, Владата и МЗШВ стојат зад вас, продолжуваме со инвестиции, модернизација и развој на овој важен сектор за нашата држава“.
Оваа вест следува откако лани пред Нова година ИПАРД средствата беа стопирани поради големиот корупциски скандал во ноември со екс-директорот на Платежната агенција Илија Стоилев, за што веќе се води судски процес.
Трипуновски сега кажува има позитивна вест за македонските земјоделци и за земјоделскиот сектор, и дека денес пристигнало официјално известување од страна на Еевропската комисија, Генерален директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД програмата повторно се достапни на располагање за македонските земјоделци.
„Согласно навремено преземените активности, направената целосна и детална контрола за користење на средствата од ИПАРД програмата е утврдено дека нема неправилности во самите постапки. Што значи дека системот функционира, институциите постапуваат одговорно, транспарентно во интерес на македонските земјоделци“, објави официјално Трипуновски.
Министерот повторно негира дека Брисел ги блокирал средствата од ИПАРД 3 програмата.
„Брисел никогаш не ги блокираше средствата, но во моментот кога излезе во јавноста за случајот со злоупотреба од страна на претходниот директор на Платежната агенција, како одговорна држава се активираше националниот механизам и го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, инициравме преку еден транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД фондовите“, објаснува министерот и додава околу европските фондови за земјоделците следела темелна проверка од ИПА структурата.
„Со ова сакам да ги демантирам и шпекулациите кои тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на опозициската партија СДСМ, обидувајќи се да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврдејќи дека ИПАРД средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка. Но, денеска по кој знае кој пат нивните лаги паѓаат повторно во вода, вистината излезе на виделина“, вели Трипуновски и додава дека Владата носи резултати и обезбедува пари за земјоделците.
Инаку лани во декември Европската комисија за „Независен“ потврди дека се стопирани исплатите за корисниците од третиот квартал на 2025 година од ИПАРД 3, со напомена дека оваа суспензија не подразбира стопирање на целокупната ИПАРД 3 програма.
Целосната сума на ИПАРД 3 Програмата изнесува 97 милиони евра европски средства и 31 милион евра национални средства. Периодот за имплементација започнат 2023 година трае до 31.12.2030.
Европската комисија побара сериозен пристап за корупцискиот скандал со европските пари.
„Бидејќи се занимаваме со парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно“,порача ЕК преку медиумите.
Она што беше важно за земјоделците од Макдеонија е дека Европската комисија не се откажа од поддршката на македонското земјоделие.
„Комисијата одржува редовна комуникација со Националниот надзорен орган и со одговорните национални органи за напредокот во тековната проценка на ризиците и потребните корективни мерки. Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области на Северна Македонија, под услов финансиските интереси на Европската унија да бидат соодветно заштитени“, стоеше во одговорот од ЕК до „Независен“.