„The Skopje Project“ – дело посветено на архитектонската приказна како цел свет се мобилизирал да го реизгради Скопје по земјотресот


 Во рамки на Меѓународната конференција со која официјално започна проектот ,,Скопје – Европска престолнина на културата за 2028”, беше промовиранаа книгата ,,The Skopje Project“, на која како автор се потпишува проф. д-р Огнен Марина.

Книгата го истражува Скопје не само како град кој бил обновен по голема трагедија, туку како исклучителен меѓународен проект, реализиран под покровителство на Обединетите нации и со поддршка од речиси деведесет земји.

Во неа, Скопје се појавува како симбол на меѓународна солидарност, како простор во кој архитектурата, урбанизмот, политиката и дипломатијата се спојуваат во обид да се замисли еден нов, современ и хуман град.

„The Skopje Project“ ја следи сложената приказна за големите визии и нивните ограничувања, за идеализмот и компромисите, за улогата на врвни архитекти и урбанисти како Ернест Вајсман, Константинос Доксијадис, Јап Бакема и Кензо Танге, но и за поширокиот историски контекст во кој Скопје, позиционирано меѓу Истокот и Западот, станува лабораторија за модерната архитектура и урбаното планирање.

Марина за своите наоди и историјатот на реизградба на Скопје кој во земјотресот од 1963 година бил уништен 80 отсто, зборуваше и на вчерашното отворање на конференцијата.

Значењето на оваа книга за Скопје е исклучително.
Таа нè потсетува дека нашиот град има историја која не е само локална, туку и европска и светска. Скопје било град во кој светот вложил знаење, солидарност и надеж.

– Денес, кога Скопје се подготвува да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, оваа книга добива особено современо значење. Таа ни покажува дека културата не е само програма на настани, туку сила што може да го промени начинот на кој го разбираме, планираме и живееме градот – вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Како што обновата по земјотресот го постави Скопје на мапата на меѓународната солидарност, така и Скопје 2028 може да биде можност за нова урбана трансформација заснована на култура, знаење и соработка, смета тој.

Затоа, „The Skopje Project“ е важен придонес кон разговорот за иднината на Скопје, како град кој знае да учи од својата историја, но и како град кој има храброст повторно да замисли подобра, поотворена и поодржлива иднина.