Тетки зад шалтерот


Драматичните слики од почетокот на декадата, кога почна масовното менување на старите лични карти, пасоши и возачи дозволи со нови биометриски, изгледаат далечно само за оние чии документи за идентификација, патување или возење сè уште имаат валиден рок на траење. Сите останати што ја немаат таа среќа можат во живо да се уверат дека времето во зградата каде што е сместена и Македонската (или Националната) телевизија е запрено таму некаде во осумдесеттите години од минатиот век, кога, впрочем, е и изградена.

Многубројните обиди на сите власти да ја модернизираат зградата, како надворешно така и внатрешно, се одбиваат од коритото на Вардар што тече во близина. Успешен е веројатно само процесот на плаќање паркинг во и околу зградата.

Идејата да се искористат бескорисните простории, соби и катови во недоглед високиот објект со тоа што во нив ќе се направи место за разни административни делови што треба да им служат на граѓаните е осудена на пропаст додека не се смени менталната матрица на вработените. Навистина, фрапантен е високиот процент кадри што работат таму, кои се стопроцентна слика на стереотипот за „тетки зад шалтерот“.

Во тие ѕидови мириса на некомпетентност и ароганција уште кога ќе застанете меѓу нив. Ниско ниво на комуникација, одбивање да се помогне, непочитување на работното време, усложнување на работите, неизвршување на обврските… се дел од нормалното поведение на голем број од вработените. Нивниот однос се менува само во два случаи: кога некој им настапува со висок и агресивен тон, или кога ќе добијат ургенција од „горе“. Тогаш во миг се претвораат во „работник на годината“. Во спротивно, не е чудно што паузите од триесет минути траат и по час и нешто додека нервозните граѓани чекаат да дојдат на ред, небаре бараат вработување, а не услуга од луѓе што ги плаќаме со наши пари.

И зачудувачки е како „тетките зад шалтерот“ толку лесно влегуваат во таквата матрица на надменост и отсуство на каква било желба за услужливост. Без оглед дали се староседелци на работното место или добиле вработување од партијата, која и да е: од власт, опозиција, македонска или албанска. Некогаш помислуваш дека постои посебен факултет каде што учат овие луѓе. И таму учат како униформирано да зборуваат и да се однесуваат.

Секако, ваквата генерална слика не им оди во прилог ниту на оној помал, чесен и доблестен дел од административците кои без никаква дамка си ја вршат задачата, па неретко и вложуваат повеќе од потребното за да помогнат или да ги закрпат дупките од своите колеги.

А, којзнае, веројатно има вистина и во тоа што и најлојалните и највредните работници што се од другата страна на шалтерите, би попуштиле кога би имале работа со луѓе како нас. Чекаме да дојде последниот ден, особено пред да одиме на одмор, па тогаш бараме пасош, лична карта, регистрација… Одиме неподготвени, правиме метеж при земање обично барање, кое некогаш и не знаеме да го пополниме, а плаќањето го усложнуваме со редови во банките место со картички. Го губиме трпението, па се караме и навредуваме оти некогаш оди и цел работен ден и еден куп нерви додека завршиме.

На крајот, изгледа не е до условите за работа ниту до зградата на МТВ ниту во системот за закажување. До сите нас е.

Горан Адамовски