Тешко до една изборна единица во 2020 година


Фото: Б. Грданоски

Дванаесет пратеници од помалите партии во парламентот ќе се сретнат утре со спикерот Талат Џафери за дa му ја образложат својата иницијатива за промена на изборниот модел така што државата би била една изборна единица.

Зад оваа иницијатива стојат Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Јулијана Николова од ЛДП, како и Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам, кои се или независни пратеници или претставуваат партии со само еден мандат во законодавниот дом. Главно станува збор за пратеници од коалицијата на СДСМ, а од тој табор во иницијативата не е вклучена единствено НСДП.

Групата пратеници која стои зад оваа иницијатива побара средби и со лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ – трите најголеми партии кои одамна го отворија прашањето за промена на моделот за избор на пратеници, кој беше воспоставен уште за изборите во 2002 година. Тоа прашање го третираа и работните групи на партиите, кои треба да усогласат нови промени во Изборниот законик, согласно со препораките на ОБСЕ/ОДИХР од последните изборни циклуси. Но, функционирањето на овие работни групи долго време е замрено, иако до следните парламентарни избори во редовен термин има само уште  една година. За промените во изборната регулатива требаше да се разговара на лидерската средба што премиерот Зоран Заев ја закажа летоска, но беше откажана поради условувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ приоритено прашање за дискусија да бидат предвремени парламентарни избори.  Всушност, веднаш по смената на кормилото во ВМРО-ДПМНЕ, дијалогот Заев- Мицковски почна со изборната регулатива, кога на првата нивна средба беше договорен и нов концепт на ДИК (како административно тело во кое партиите ќе бидат само набљудувачи за време на избори), но ни таа идеја досега не се реализира, иако во меѓувреме се одржаа и референдумот за името и претседателските избори.

Промената на изборниот модел, иако долго време се провлекува како идеја на политичката сцена, всушност, е најкритичното прашање во поглед на потребните измени во изборното законодавство. Причина за тоа е што, и покрај согласноста меѓу партиите дека треба да се напушти досегашниот пропорционален модел, поголемите политички субјекти имаат различни ставови околу тоа според кој концепт во иднина треба да се избираат пратеници. На иста линија со помалите партии, на кои ѝ  најмногу им одговара државата да биде едина изборна единица, единствено е СДСМ, кој го запиша предлогот за пропорционален систем со една изборна единица  и во својата програма за изборите 2016 година. ВМРО-ДПМНЕ, пак, преферира враќање на мнозинскиот систем кој беше на сила до 1998 година, додека ДУИ и дел од опозициските партии од албанскиот блок се за три изборни региони.


-Изборен модел се менува со согласност на политичките партии од власта и од опозицијата. Ако се постигне согласност би се правеле измени, но не и ако нема консензус – ни изјави министерката за правда Рената Тренеска Дескоска.

Од Министерството за правда информираат дека испратиле до партиите првична верзија на измени на Изборниот закони, согласно со разговорите во работните групи и препораките на набљудувачките мисии (ОБСЕ/ОДИХР). Но веќе подолго време не добиле повратни одговори за предложените измени.

Претседателката на ДОМ – Морачанин вели дека пратениците што ја покрена иницијативата за една изборна единица бараат да бидат вклучени во разговорите на измена на изборната регулатива, за низ дебата да ги образложат своите аргументи и да ги слушнат аргументите на другите партии. Посочува дека секој пратеник може да поднесе и предлог за измена на закон, во случајов на Изборниот законик, ама вели дека донесувањето на таа регултива би било неизвесно без консензус на партиите во парламентот.

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, пак, веќе подготвил измени на Изборниот законик, со кои се предлага исто една изборна единица  на изборите за пратеници. Овој предлог утре ќе биде доставен до парламентот, иако ДС како вонпарлантарна партија не е овластен предлагач на закони.

-Со пропорционален изборен модел, со тоа што Македонија ќе биде една изборна единица,  ќе се овозможи составот на парламентот да биде реален одраз на волјата на граѓаните, ќе се зголеми одговорноста на извршната власт и конечно ќе се демонтира “еднопартискиот систем”, каде што лидерот на владејачката партија и воедно премиер одлучува за сѐ. Инаку заговарањето за враќање на мнозинскиот модел значи враќање на насилството на улиците – велат од ДС.

Пратениците од иницијативата за една изборна единица сметаат дека најголемт недостаток на  сегашниот изборен модел – со шест единици е ограничувањето за листи на партии или поединци да обезбедат мандат, доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица. Така, како што наведуваат, се случуваше да отпаднат листи што на ниво на цела држава имаа од 30 илјади до 40 илјади гласови. Во парламентот, пак, со одредени исклучоци, , може да влезат само неколку поголеми партии.  Александра М. Митевска