Единствена Македонија: Не треба да има политичко етикетирање за настаните во Куклица
Партијата Единствена Македонија реагира дека не треба да се поврзуваат настаните со незаконската наплата на лица влезот во месноста Кулица со неа, велејќи дека тоа не може да биде точно.
„Сметаме дека е целосно неточно и неосновано да се создава впечаток за партиска одговорност за прашања кои се во надлежност на институциите, кои треба да постапуваат согласно закон и да ја утврдат целосната фактичка состојба.
Јавноста е сведок на институционалните слабости на локално ниво во општина Кратово, поради што сметаме дека фокусот на јавноста и медиумското известување треба да биде насочен кон утврдување на сите релевантни факти, можни пропусти и одговорности во системот, а не кон политичко етикетирање.
Прашуваме зошто во медиумските објави се игнорираат информации за проекти и активности поврзани со посочените лица, кои биле финансирани од Европската унија токму за локалитетот Куклица, додека истовремено се инсистира на насоки кои создаваат селективна и непотполна слика во јавноста. Единствена Македонија останува на ставот дека ваквиот пристап е едностран и придонесува кон создавање погрешна перцепција кај јавноста“, стои во реакцијата на партијата.
Претходно, од Општина Кратово излегоа со свој став по наводите дека одредени лица нелегално наплаќаат влезници на локалитетот Куклица. Во објавата на Фејсбук, тие ги споделија и имињата на поединците, од кои едното лице, Стојна Димитровска Боотх, била носител на советничката листа на Единствена Македонија на последните локални избори.