Со кампања на плоштад – против пожари


Кампања против пожари (Фото: Б. Грданоски)

На плоштадот „Македонија“ денеска се одржа едукативно-превентивна кампања за заштита од пожари, во организација на ЈП „Национални шуми“, во соработка со Противпожарниот сојуз на Град Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување.

Петар Плотников, претседател на Противпожарниот сојуз, нагласи дека кампањата традиционално се организира во пресрет на летната сезона кога ризикот од пожари е зголемен.

Главната цел, како што потенцира, е подигнување на јавната свест и унапредување на противпожарната култура кај граѓаните од сите возрасни групи.

– Денешниот настан е централен. Во исто време одржуваме настани во Гостивар, Струга, Кичево, Гевгелија, Ваналдово, Куманово, Кратово, Виница и во други градови. Ова е почеток на кампања за летниот период. Потоа следуваат две-три последователни кампањи во оние општини во кои има најголема фреквенција на граѓани што одата на излети. Кампањи ќе се одржуваат и во други градови, особено во оние општини во кои има рурален дел – зеленило и шуми. Мора да има што повеќе кампањи, да се реализираат за спречување на пожарите во шумите. Целта на кампањата е да не се палат огнови на места на кои е најопасно и кои се потенцијални за настанување пожари – рече Плотников.

Потенцира дека фокусот на кампањата ќе биде ставен на заштитата на шумите и зелените површини во Скопје, вклучително и парк-шумите, парковите и туристичко-излетничките места во околината, како и спречување пожари што може да предизвикаат материјални штети.

Во рамките на кампањата ќе се делат едукативни летоци и постери, а во реализацијата ќе бидат вклучени и ученици од основните училишта во Скопје, кои ќе помогнат во информирањето на јавноста за превентивните мерки против пожари.

Фото: Б. Грданоски