Скопје добива нова Противпожарна станица кај Центарот за јавно здравје


Фото: Б. Грданоски
 
Денес, на седницата на Советот на Град Скопје, преку Ребалансот на буџетот беа обезбедени средства за изградба на нова противпожарна станица за Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, во вредност од 50 милиони денари.
 
Новиот објект ќе се наоѓа во општина Аеродром во близина на Центарот за јавно здравје и ќе претставува сериозен исчекор кон подобра организација, побрза реакција и поголема безбедност за граѓаните.
 
– Пожарникарите се хероите на нашиот град. Луѓе кои секојдневно го ставаат својот живот во ризик за да спасат човечки животи, домови, имот и јавни добра. Токму затоа, тие заслужуваат современи услови за работа, модерна опрема и достоинствена инфраструктура – порача градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
 
 Со изградбата на оваа нова противпожарна станица ќе се овозможи побрза реакција при технички интервенции, спасување човечки животи и поефикасна заштита од пожари во урбана средина, но и на отворен простор, смета тој и додава дека ова е само еден од чекорите кон целосна модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Нашата заложба е пожарникарите да добијат услови какви што заслужуваат, а Скопје да добие систем кој е подготвен, брз и ефикасен кога е најпотребно.