Телото на новинарката Амал Халил извлечено по израелски напад во Либан
Телото на либанската новинарка Амал Халил е извлечено вчера по израелски напад во јужниот дел на Либан, соопшти претставник на либанската војска.
Либанската цивилна одбрана соопшти дека спасувачите го извлекле телото на новинарката Амал Халил, која беше убиена во воздушен напад врз куќа во градот Ал-Тири, пренесува Ал Џезира.
Новинарката Амал Халил, вработена во весникот „Ал Акбар“, се засолнила со својата колешка во куќа по првиот напад, но објектот потоа бил погоден во вториот удар, наведе Министерството за здравство на Либан, пренесува Скај Њуз. Спасувачките екипи подоцна успеале да ја извлечат нејзината колешка Зеинаб Фараџ жива но повредена, по што била префрлена во болница каде што била оперирана, пренесоа локалните медиуми.
Според наводите на Министерството, возило на либанскиот Црвен крст, кое било испратено да ги евакуира повредените, било цел на напад со шок-бомба и оган од оружје, што на почетокот ги спречило спасувачите да стигнат до Халил.
Израел соопшти дека ги истражува инцидентите и негираше дека спасувачките тимови биле цел на нападите. Според Ал џезира, Израел убил пет новинари во Либан од почетокот на март.