Татко ми го закопавме со бугарски куршум. Мајка ми беше ранета на Сремски фронт: Рускоска одговара на кривичната пријава
„Моите родители крвареа за оваа држава. Мајка ми беше во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум, па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава повеќе од мене. Мајка ми на Сремски фронт беше ранета. Кој му дава за право дека тој ја сака оваа држава повеќе од мене“, вели за „Слободен печат“, поранешната обвинителка Вилма Русковска.
Таа реагираше на кривичната пријава што денеска ја поднесоа против неа Јане Ченто, Борис Дамовски и Богдан Илиевски.
„Ние обвинителите сме само странка во постапката, конечната одлука ја носи првостепениот и второстепениот суд. За разлика од Јане Ченто јас се борам со силата на аргументите и доказите, а не со насилство. Насилството никогаш не е решение, пресудата беше потврдена од Апелацискиот суд и од Врховниот суд. Тоа значи дека немало никакво незаконско постапување во која било инстанца. Ова е според мене, замајување на јавност бидејќи едно од предизборните ветувања на сегашната влада беше дека ќе ги ослободат обвинетите од 27 април. И сега се поставува прашањето зошто кривичната пријава само против мене, а судот ја носи пресудата. Па каде е обвинителот или обвинителката, не знам кој постапувал, пред Апелацискиот суд во второстепена постапка и судиите таму. Каде е обвинителот или обвинителката пред Врховниот суд. Ова е свртување на внимание мислам од она предизборното ветување на ВМРО – ДПМНЕ кое не го исполнија“, рече Русковска.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека судењето за 27 април е „политички монтиран случај од страна на претходната влада. Според мене, таму невини луѓе беа прогласени за терористи. Невини како терористи, но сепак направија одреден престап и требаше за тој престап да одговараат“.
Тој уште додаде дека обвинителите од СЈО да вршеле терор врз македонските граѓани.