Светски ден за безбедност и здравје при работа, лани во државава 132 несреќи при работа, 31 со смртен исход


Фото: Б. Грданоски

 Во текот на 2025 година се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои 31 со смртен исход, покажуваат податоците од Годишниот извештај за несреќи при работа и професионални заболувања за 2025 година, што по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април го објави Македонско здружение за заштита при работа. 

Најмногу несреќи при работа имало во Преработувачката индустрија 33, по што следуваат градежништвото , 15, јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување, 12, дејности на домачќинства како  работодавачи и кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби, 11, административни и помошни услужни дејности 10, транспорт и складирање, 9,… 

-Посебен осврт во извештајот е даден на трагични настани кои ја одбележаа годината, вклучително и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој, истакнува Здружението, дополнително ја нагласи важноста од доследно почитување на прописите за безбедност, управување со ризици и ефективен инспекциски надзор. 

Токму затоа, анализата на повредите треба да ја користиме како алатка за учење, а не за критика. Веруваме дека секоја несреќа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност, велат од Македонското здруженение за заштита при работа.

Оттаму порачуваат дека безбедноста и здравјето при работа не се избор, туку обврска. 

– Секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа, истакнува Македонското здруженение за заштита при работа.  

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Советот за безбедност и здравје при работа денеска во Скопје организира настан поддржан од проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“. 

Целта на проектот е намалување на повредите и заболувањата на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на трудовата инспекција, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети во оваа област. Се спроведува од Меѓународната организација на трудот (МОТ), со финансиска поддршка од Европската Унија и ќе трае до октомври 2028 година.

Подигнување на јавната свест за важноста на безбедните и здрави услови за работа како предуслов за достоинствен труд, поголема продуктивност и одржлив економски развој, е една од клучните пораки на проектот, кој има за цел да придонесе кон современа и превентивна национална рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со стандардите на МОТ и ЕУ.

Во рамки на настанот предвидени се обраќања од претставници на институциите, Европската Унија, МОТ, работодавачите, синдикатите и Советот за безбедност и здравје при работа, како и стручни излагања и работилница посветени на психосоцијалните аспекти на работата, стресот и менталното здравје на работниците, како и на потребата од создавање здрави психосоцијални работни средини.