„Сваровски“ битанги


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ 

Од паркираните полициски џипови пред Основниот суд Скопје 1 излегуваат полицајци во маскирни униформи и водат судии со лисици на рацете кон судот. Приведените се судии од одделот за прекршоци на истиот тој суд во кој ги водат за да им се соопшти за што се товарат и да им се определат мерките кои ги предлага јавниот обвинител од скопското обвинителство.

Од раните утрински часови тој октомври 2014 година се приведуваа 24 лица, поголемиот дел судии и административци од Одделението за прекршоци во таканаречената акција „Јустиција“, која ја осмислија тогашниот „сваровски“ претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и тогашниот претседател на Судскиот совет, Александра Зафировска. После безброј прекршувања на законот, правни вратоломии и лакрдии, кои овде не сакам да ги набројувам за да не ги заморувам читателите, предметот „Јустиција“ заврши со ослободителна пресуда.

По четири години Голгота и немир, обвинетите ја добија заслужената правдина преточена во ослободителна пресуда, но што добија „сваровски“ битангите кои го режираа и измислија предметот „Јустиција“, за кој дури и меѓународната експертска јавност и извештајот на ЕУ пишуваа? Го добија местото на кое некогаш беа обвинетите од „Јустиција“, станаа судии во прекршоци, ако воопшто истите битанги можат да се наречат судии, но не ја добија заслужената казна. Малверзациите со АКМИС, градењето на дивоградба во епицентарот на Скопје, оддавањето доверливи информации од истрагите на СЈО, водење на Кривичниот суд како гранапче, како што милуваше да раскажува сварОВЦАТА од тогашниот претседател, не резултираа со постапки против Панчевски, освен за мобингот кој се водеше пред граѓанскиот суд, и покрај заложбите и ветувањата за возобновување и воспоставување на нормален и стабилен правен систем.

Не е Панчевски единствен пример за нерасчистувањето на долгогодишното урнисување на правосудниот систем и утврдување на поединечна и лична одговорност за таквата состојба. Како воопшто ќе можеме да зборуваме или да се надеваме да изградиме и воспоставиме систем на вредности и да го возобновиме правосудниот систем во кој граѓаните ќе имаат доверба, ако на раководни структури во судството не им се утврди личната одговорност и не ја добијат заслужената казна.

„Јустиција“ е само еден од примерите за нарачани предмети и политички мотивирани, но и еден од примерите за начинот на постапувањето, неработењето, некадарноста, полтронството и политичкото подлизурковство на битангите од судството. „Ореше“, „Ликвидација“, „Шпион“, „Калдрма“, „Змиско око“, „Детонатор“, „Фаланга“ и многу други предмети се доказ за состојбата на „сваровски“ судството и нивото на кое се наоѓало и сè уште се наоѓа благодарејќи им токму на се уште присутните битанги во него.

За релативно краток временски период идејата за осамостојувањето на судството и зголемувањето на неговата самостојност преточена во Републичкиот судски совет, се извитопери и употреби токму за дисциплинирање на судството и неговото политизирање со воведување на влијанието не само на извршната власт туку и на тогашната политичката елита која го направи судството комплетно заробено и приватизирано. Доживотниот мандат на судиите, изборот кој повеќе не го вршеше Собранието туку Судскиот совет во кој требаше да седат најмудрите и најдобрите судски кадри, самостојноста во буџетирањето не го дадоа очекуваниот резултат. Напротив, вешто и итро беа искористени од политичката елита која тогаш беше на власт за создавање на заробен судски систем кој ќе служи како моќна машинерија за депласирање и ликвидирање на политичките противници или непослушници. На чело на Судскиот совет беа избрани судии кои тоа никогаш и не биле бидејќи немаа во својот судиски стаж напишано ниту една пресуда, а покрај нив седеа судии кои со рацете на грб стоеја пред судот во кој биле претседатели и ги демнеа вработените кога се враќаат од пазар. До нив седеа општинари и некакви си административци со сомнителна кариера избрани по клуч или калауз, но со ист ментален и морален недостаток. Во Советот на обвинителите ситуацијата беше пресликана како во Судскиот совет. Од такви битанги беа избрани слични битанги на клучните места во правосудството и обвинителството и партискиот крвав пир можеше да почне.

Судии и обвинителите повеќе не напредуваа поради својот квалитет во работењето туку според својата послушност и свитканиот грб, а новите судии беа избирани од редот на послушниците и тоа на партиска координација.

Прибе со својот тим, но и многу други експерти ги лоцираа и дијагностицираа проблемите и заболеноста на судството, ги посочија одговорните но без реформа на обвинителството се остана во фаза на „истрагата која е во тек“, како што тоа милуваат да го кажат обвинителите кога сакаат да ја скријат својата неспособност или некадарност.

„Бомбите“ кои беа објавени ги изнесоа судските валкани алишта на виделина, но и ги разоткрија главните актери во разнебитувањето на правосудниот систем и нивниот ситен ќар од ваквата состојба. Специјалното јавно обвинителство со својот извештај за влијанието на определени судии и претседатели на судови само ја дополни сликата за „сваровски“ битангите и нивното дејствување.

Состојбата на судството, односно болеста, е дијагностицирана, причинителите откриени и типизирани, останува само да се примени соодветна терапија. Единствено не знам кој ќе ја даде терапијата и кога.