Стефанија Насеска со модна колекција инспирирана од житото : Пелагонија е Почеток на се


Модната дизајнерка Стефанија Насеска  ја претставува нејзината прва ресорт или ‘cruise’колекција со која го позиционира својот бренд на едно повиско ниво. Се работи за мала колекција која ја нарекла ‘Почетокотʼ затоа што е инспирирана од Пелагонија.

„За колекцијата најмногу употребив природни материјали, како памук, рафија, лен, тоа се материјали кои го обележуваат летниот период. А боите кои се употребени се бои инспирирани од  процесот на производство на пченицата. Сакајќи да го вратам сеќавањето на нашите предци дел од инспирацијата ја црпев и од нашиот фолклор, народната носија, како и од целиот некогашен процес на жетвата која луѓето ја правеле рачно во жешките  летни денови. Но сето ова минато го споив со еден модерен израз и модерно толкување, затоа што јас создавам мода, а не театарски костими’, вели Насеска, препознатлива во јавноста  со креациите инспирирани од македонското културно наследство и историја.

Зошто Пелагонија!?

„Затоа што таа е за мене лично е  почеток, родена сум и израсната во Прилеп имам многу убави спомени од таму, а воедно Пелагонија е и најголемата житница кај нас, а јас го зедов житото како клучен елемент за инспирацијата. Целата оваа моја теорија за почетокот неодамна беше поткрепена со најновите археолоши наоди во тој регион каде што беа откриени и првите фурни за леб во Европа. За мене и житото претставува почеток на се и основа на цивилизацијата.

Тоа е една од првите агрокултури кои човекот започнува организирано да ги одгледува, а Пелагонија е токму тоа, еден неоткриен предел во кој животимало уште во праисторијата за кое ни потврдуваат повеќето локалитети низ котлината, а ако го земеме и фактот дека во Суводол се пронајдени делови мамут кои датираат од пред 10 милиони години тогаш слободно можам да кажам дека Пелагонија е почеток на сѐ!

Меѓутоа пораката која сакам да ја испратам е тоа дека ние треба да го чуваме и негуваме нашето приридно богатство, а плодната почва е дар од природата кој мора да се заштити со закон. Ние треба да сме бескрајно благодарни за природните убавини и удобства што ни ги подарила мајката Земја.

Со модернизацијата, и со развојот на технологијата и желбата за профит, особено во нашата држава човекот  започнува да сѐ губи мислејќи дека добива! Плоднто  земјиште без пардон се користи за монтажа на електро панели, со што за личен интересја губиме можноста за производство на храна и стануваме земја зависна од увоз, а таквата земја е земја лесна за манипулација“, објаснува дизајнерката.

Оваа колекција поради силната порака што ја носи мораше да биде и крунисана со едиторијал фотографии кои спонтано го доловуваат сензибилитетот на облеката.

Фотографиите се направени од Ристе Кјандовски.. Пред  неговиот објектив застанаа Јана Ацески, Маја Ацески и Пеце Белевски.

„Одлуката за мешовитиот состав на професионални модели и аматери е направена целно со намера за да и покажеме на јавноста дека инклузијата и диверзитетот имаат посебен сјај и зрачат со позитивна енергија која не нѐ напушти во текот на целиот сет иако температурите беа ненормално високи.За целиот сет да биде вака успешен несебично се погрижи Валентин Трајкоски кој со локалното население од Могила и Чарлија успеаа да го организира и обезбедат простот во Пелагониските полиња во знак на симболичност и енергетска поврзаност на колекцијата, вели Насеска.

ʼПочетокотʼ премиерно је прикажана на модниот настан Global Fashion Net, кој секое лето се одржува во Кошице, Словачка.

„Јас како дел од модното семејство на European Fashion Passport, бев претставник од Македонија, а имаше дизајнери скоро од целиот свет. Настанот беше предобро организиран, за што заслуга имаа и Моден Викенд Скопје кои од неодамна се соработници со GFN. Дизајнерите бевме професионално пречекани и угостени, со целосен акцент на нас и многу многу новинарски екипи кои го проследија целиот настан кој пак траеше неколку денови. За Словаците можам д кажам дека се многу убав и културен и срдечен народ и се надевам дека во иднина ќе имам повторно прилика да соработувам со нив, вели дизајнерката која е во модниот бизнис повеќе од 15 години. (Л.С.)