Стармер поднесе оставка, Бернам го чека крунисувањето за премиер

Пред две години им донесе триумфална победа на лабуристите. Сега мораше да замине. Ако Бернам стане премиер тој ќе биде првиот католик во историјата


Кир Стармер на крајот од својот говор

 

Две години по големата изборна победа британскиот премиер Кир Стармер денеска поднесе оставка осрамотен поради драматично големата непопуларност во земјата и неколкуте големи изборни порази на локалните избори.

Во емотивно обраќање пред Даунинг стрит 10, на кое не му недостасуваа и солзи, Старемр рече дека ќе се повлече од функцијата лидер на Лабуристите и премиер откако мораше да прифати дека неговата партија не верува оти е во најдобра позиција да ја предводи земјата на следните општи избори.

Стармер тоа што стана премиер го опиша како „најгорд момент“ во неговиот живот

Тој рече дека наследил Лабуристичка партија која била „политички, финансиски и морално банкротирана“, за која му било кажано „одново и одново“ дека е „завршена“.

Неговата партија прашуваше дали е во најдобра позиција да ја предводи на следните избори, рече Стармер, додавајќи дека „го слушнал одговорот“ и „го прифаќа тој одговор со добра волја“.

Стармер објави дека веќе разговарал со кралот и рече дека ако има натпревар за негов наследник меѓу пратениците, новиот лидер на лабуристите ќе биде на власт пред да се врати парламентот во септември.

Премиерот додаде дека ќе направи сè што може за да обезбеди уредно предавање на власта и ќе му даде целосна поддршка на својот наследник.

Емоционирајќи се кон крајот на својот говор, Стармер рече дека сега ќе биде најдобриот сопруг и татко на својата „фантастична сопруга“ и „прекрасни деца“ – пред да ја прегрне својата сопруга и да се врати во број 10.

Стармер рече дека „со добра волја“ прифаќа дека не е најдобрата личност да ја води Лабуристичката партија на следните избори.

„Прашањето што се поставува сега не е кој бил во најдобра позиција да ја промени Лабуристичката партија, да нè доведе на власт и да ја започне виталната работа за подобрување на животот на милиони луѓе. Одговори на тие прашања се дадени.

Прашањето што мојата партија го поставува сега е дали јас сум во најдобра позиција да нè водам на следните општи избори.

Го слушнав одговорот на мојата парламентарна партија на тоа прашање и го прифаќам тој одговор со добра волја“.

Доколку нема предизвикувачи, тогаш може да се очекува Енди Бернам да биде премиер околу 17 јули.

Кир Стармер рече дека управното тело на Лабуристичката партија – националниот извршен комитет – ќе ги отвори номинациите на 9 јули и дека процесот ќе биде завршен до летниот одмор, кој се очекува на 16 јули.

Кир Старемер во прегратка со сопругата Викторија откако ја објави оставката (Фото: Ројтерс)

Бернам може да биде премиер до следниот ден – 17 јули – иако тоа може да биде следниот понеделник кога парламентот е на одмор.

Ако има натпревар, сите облози се откажани – но Стармер рече дека очекува тоа да заврши до септември.

Во својот говор, непосредно пред да стигне до пасусот каде што ја објави својата оставка, Кир Стармер зборуваше за своите достигнувања во владата.

„Економија која е посилна, која оди побрзо од другите земји, платите растат побрзо од инфлацијата во секој месец откако дојдовме на власт.

Обезбедени инвестиции, се гради инфраструктура, крај на штедењето со најбрз пад на листите на чекање на НХС за 17 години, најголемото подобрување на правата на работниците и изнајмувачите во една генерација.

Најголемото зголемување на трошоците за одбрана од Студената војна.

Пад на преминувањата на имигранти со мали чамци, затворање хотели за азиланти, заштита на младите од социјалните медиуми и половина милион деца кои се извлекуваат од сиромаштија поради изборите што ги направив.

Нашиот углед во светот е обновен, со тоа што Велика Британија повторно се залага за пристојност, почит и владеење на правото, обезбедување трговски договори, застапување со Украина, застапување на нашите вредности и обнова на нашите односи со нашите сојузници во Европа.

Промена ветена од лабуристичка влада. Промена за која се бореше лабуристичка влада. Промена спроведена од лабуристичка влада“.

Тој ќе остане на функцијата додека не заврши изборот на наследник на лидер на лабуристите и ќе обезбеди уредно предавање на власта.

Веројатниот иден британски премиер Енди Бернам

Британските медиуми претходно објавија дека Стармер ќе поднесе оставка денес бидејќи бил под огромен притисок од сопствената партија. Главните причини зошто растечкиот број членови на Лабуристичката партија бараа негово заминување беа катастрофалните резултати од изборите на локалните и дополнителните избори минатата и оваа година и зајакнувањето на крајно десничарската партија Реформа Велика Британија на Најџел Фараж, додека некои левичарски гласачи се префрлаат на Зелените.

Ова предизвика бунт во Лабуристичката партија: десетици пратеници јавно побараа Стармер да си замине или барем да објави датум за неговото заминување. Според некои проценки, имало дури стотина бунтовници, вклучувајќи и поранешни министри.

Популарноста на Стармер значително опадна, а меѓу пратениците расте верувањето дека тој повеќе не може да победува на избори. Падот на Стармер е паралелен со подемот на Енди Бернам, популарниот градоначалник на Манчестер, кој неодамна победи на дополнителните избори и влезе во парламентот, што е претпоставка дека може да стане премиер. Победата на Бернам беше и своевиден триумф затоа што успеа да го порази кандидатот на Реформа со голема разлика.

Со Бернам протестантска Британија ќе има католички премиер за прв пат во историјата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, предизвика меѓународен бес во неделата со твит во кој ја објави оставката на британскиот премиер. Покрај крајно несоодветното мешање во внатрешната политика на друга, иако сојузничка, земја, Трамп даде и целосно измислени причини за оставката на Стармер.

Тој тврдеше дека причините биле погрешната имиграциска политика и фактот дека Велика Британија не експлоатира нафта од Северното Море, што нема никаква врска со сегашните проблеми на лабуристичката влада.