Споменик што оди и зборува


ЕРОЛ РИЗАОВ

Ја имав таа привилегија да бидам непосреден сведок на настан на кој многу мал број луѓе имаат шанса да бидат присутни низ целиот свој живот, а уште помалку е веројатно дека може да им се случи тоа да го доживеат. Имав уште една чудесна средба со споменик што оди и зборува. И тоа секоја дума му е на место, јасна и поучна, згора уште научник од светска класа. Човек од крв и од месо, 26 години постар од државата, има сто полни години и тера сто и една. Единствен жив сведок на многу настани од современата историја на Република Македонија.

Македонската академија на науките и уметностите деновиве одбележа единствен јубилеј во својата 52-годишна историја од постоењето до денес. Со мало задоцнување го одбележа 100-годишниот роденден на академик Ѓорѓи Филиповски, кој седеше со своето семејство во првиот ред и кој по говорите и признанијата вдахновено се заблагодари на вниманието и искажа со многу смисла на хумор свои пораки кои воодушевуваат и се паметат.

Академик Ѓорѓи Филиповски со своите светски верификувани научни дела за почвите, што се вели за земјата насушна, би бил интересна личност само за научниот свет, прилично здодевна работа, ние простосмртните луѓе да читаме илјадници страници за педологија, генеза на класификација на почвите, за ерозија, за мелиорации, десаланизации и уште милион други работи кои биле и тоа како значајни за развојот на земјоделството и производството на храна и развој на светот. Гледано од еден таков агол, животот на академик Филиповски, иако подолг од еден век, би бил возбудлив колку и животот на еден монах со мала разлика што едниот му се предал да му служи на бога во својата ќелија, а другиот на човештвото во својата лабораторија. Меѓутоа, животот на Филиповски е жива и возбудлива историја бидејќи не е само што е учесник и еден од основачите на најзначајните образовни и научни институции во Македонија, има повеќе такви личности кои ја задолжиле татковината, туку по тоа што како научник и универзитетски професор не се оддал само на науката. Неговите современи сфаќања, европска ориентација и храбри критики на погрешните политики на политичарите и владите го воздигнуваат на пиедестал за време на животот кој татковината го препозна навреме да го смести во пантеонот на бесмртните.

Македонија може да биде горда што има таков човек, научник и јавна личност, кој остава зад себе огромно богатство од она што го сработил со своите соработници, но остава и аманети што треба да ги сработат надлежните институции и неговите наследници. Неговите текстови објавени во „Утрински весник“ не се од помало значење од неговите научни достигнувања колку тоа да се чини неверојатно. Во овие текстови, кои имав чест прв да ги читам и да ги објавам, се аманетите на Филиповски за неопходноста за пресврт во политиката во односот кон науката и кон образованието и човековата околина, а со тоа и кон иднината на државата.

„Најнапред треба да се направи пресврт во сфаќањата како предуслов за сите други промени. Научниците не се без надеж. Очекуваат пресвртот да започне следната година со формирањето на стабилна влада, без оглед кој ќе ја формира. Научниците се длабоко убедени дека земји со такви состојби во науката какви што се нашите, не можат да имаат светла иднина“. Тоа Филиповски го кажа 2016 година во пресрет на значајните политички промени во земјата. Но пресвртот во односот на политиката кон науката не е уште почнат, а таму е сè прецизно напишано што и како треба да се прави. Кога ги читав тие децидни споредбени податоци што прават другите земји, а што правиме ние и колку вложуваме во науката и образованието, во заштита на природната средина, во медиумската едукација за значењето на овие две основни дејности до болка, станува јасно зошто сме таму кај што сме. Академик Филиповски вели, ако не може во главите тогаш треба во канцелариите на сите политичари во Македонија да се залепи на ѕидот со крупни букви следната порака на нашиот великан Крсте Мисирков во делото „За македонцките работи“ каде што пред повеќе од сто години е запишана историската порака за значењето на науката, образованието и културата: „Науката и литературата сет најважниот фактор во развивајнето на једен народ, како народ. По степента на развивајнето на науката и литературата у једен народ се мерит неговата култура, а и по ниф се делат народите на културни и не културни, културните народи владеат, а не културните робуваат“.

Еве само неколку податоци за нашиот столетен научник за еден исклучително возбудлив и долг живот во едни бурни историски времиња, кои, за жал, сè уште не се општопознати. Ѓорѓи Филиповски е роден во Сорович, Леринско, на 6 мај 1919 година. Родителите му се по потекло од Битола, каде што завршил Гимназија. Студирал на Земјоделско-шумарскиот факултет во Белград и во Софија, каде што дипломирал во 1942 година со најдобар успех во генерацијата и поради тоа бил избран за асистент. По Втората светска војна, почнува неговата научна кариера. На 28-годишна возраст е избран за најмлад наставник на штотуку формираниот Земјоделско-шумарски факултет во Скопје, каде што е основач на Катедрата за педологија и агрохемија и со неа раководи повеќе децении. Современиците велат остана запамтено дека во тој период беше една од најдобро организираните и опремени катедри со современи лаборатории и богати збирки. Академик Филиповски беше еден од првите тројца декани на факултетот на 37-годишна возраст и сè до пензионирањето 1987 година важеше за еден од најомилените и најпочитувани професори чии предавања ги следеле 40 генерации студенти.

Бил ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј“. Избран е за член на МАНУ во првиот основачки состав во 1967 година и 12 години е потпретседател на МАНУ. Неговото капитално дело е „Почвите на Македонија“ во шест тома. Бил визитинг-професор во Калифорнија, САД, повеќе години држел предавања на постдипломски студии на универзитети во Белград, во Бари, на Крит, носител е на титулата доктор хонорис кауса на Универзитетот во Брадфорд која лично му ја предава премиерот на Велика Британија, Вилсон. Како експерт на ОН, престојувал повеќе месеци во Египет работејќи на голем проект од светско значење во врска со користење на водите од Асуанската брана за мелиорирање на солените почви во делтата на Нил каде што сега се плодни површини. Бил член на комисијата на ФАО при ОН за изработка на педолошка карта на Европа.

Академик Ѓорги Филиповски зборува осум јазици, од кои три светски и пет балкански. Зад овие телеграфски податоци стои гаранција од еден век.