Синџир на исхрана


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Синџирите на исхрана во еден екосистем укажуваат на кое хиерархиско ниво се наоѓа еден организам во исхраната на останатите организми. Оваа положба во синџирот на исхраната на еден организам зависи од тоа дали тој спаѓа во царството на монерите, габите, протистите, растенијата или животните. Зелените растенија секогаш го заземаат првото хиерархиско ниво бидејќи тие се производители на храната која ја троши целиот синџир. Второто хиерархиско ниво е резервирано за организмите кои се хранат со растенија – тревојади (хербивори), додека натамошните нивоа припаѓаат на организмите кои се хранат со месо – месојади (карнивори).

Не случајно старите кажале дека царството на природата е честопати пресликано на човештвото и дека сличностите се изненадувачки ако се задлабочиме и ги споредиме двата света. Кај луѓето од постанокот па сè до ден денешен многу природни закони се прифатени и пресликани во општеството и неговото уредување прифаќајќи ги честопати како општествени закони. Природата и човековото опкружување неминовно влијаеле на неговиот развој и напредок, првично човекот и природата дејствувале како единство во кое немало место за супремација на човекот над своето опкружување. Но со текот на времето човекот не само што осознал дека може да ја користи природата и нејзините ресурси за свое добро и напредок, туку помислил дека научил неа да ја менува по свои желби и потреби. Особено во модерното време и доба немилосрдна е експлоатацијата и уништувањето на природата до ниво на опстанокот на планетата. Но тоа е за една друга приказна, да се вратиме ние на нашиот синџир на исхраната.

Седејќи на еден состанок на кој се зборуваше за незаконитите дејствија и малверзации на полето на градбата, уредувањето на таа област и нејзино планирање – со еден збор се дискутираше за урбаната мафија – еден од соговорниците употреби еден израз кој ми го привлече вниманието: синџир на исхрана. Објаснувајќи ги проблемите со кои општествената заедница се соочува и објаснувајќи ги улогите на секој од учесниците во градежното насилство, кое владее денес во руралните и урбаните средини, особено во Скопје и поголемите градови, преку синџирот на исхраната многу прецизно и точно ја опиша улогата на секој од чинителите и нивната материјална корист, точно опишувајќи ја делбата на колачот. Сфатив дека синџирот на исхрана почнува од зелените растенија, во овој случај, граѓаните кои демек имаат уставни и законски права, кои демек се носители на сета власт која со избори им ја доверуваат на мала група на луѓе од политичка партија кои во нивно име ќе управуваат со државата и ќе им ги обезбедуваат нивните загарантирани права. Као какао, што би рекол Влатко Стефановски во својата песна. Зелените растенија, граѓаните како најниско ниво во синџирот на исхраната се производители на храната, која ја троши целиот синџир понатаму. За мали и ситни, бедни плати, во нехумани услови ова најниско ниво во синџирот на исхрана создава материјални добра и производи кои понатаму ги трошат и користат повисоките нивоа.

Замислете ги само шивачниците или фабричките погони во кој работниците за мала, бедна плата создаваат богатство за нивниот газда кои се храни со нивниот труд и нивната немоќ. Замислете ги само рударите во рударските јами стотина метри под земја, како создаваат за нивниот газда кој им се оддолжува со бедна месечна плата. Оваа група на најниско ниво во синџирот на исхраната, токму како и во природата, живее најверојатно од Сонцето и фотосинтезата, што преведено на јазик на луѓето би било еднакво на кредити и минусни салда во банките. Над ова ниво доаѓаат тревопасните животни кои ги консумираат зелените растенија и ја користат сета нивна енергија за свои потреби. Во ова ниво на синџирот на исхраната се наоѓаат сопствениците на приватните фирми, погони, фабрики, бизнисмени и останати тревојади кои за себе мислат дека се високо сè додека не дојдат месојадите. Тоа се луѓе кои имаат моќ и власт, луѓе кои управуваат со државата и општеството, кои ја креираат и обликуваат човечката судбина. Тие ја користат сета енергија на тревопасните и се на врвот на синџирот на исхраната. Сакаш нешто да произведуваш и да отвориш фабрика, погон, работилница, тогаш ќе мораш на месојадот да му ја обезбедиш потребната енергија во количество и квалитет кој тој ќе ги одбере, пари, удели, други материјални добра, самиот ќе ти покаже. Сакаш да добиеш градежна дозвола и да градиш згради, ќе треба да го задоволиш последното ниво во синџирот на исхраната.

Ниту во една област на општественото живеење не е поразлично и секаде е присутен и важи синџирот на исхраната. Кога како зелено растение ќе се појави граѓанинот во здравствените установи, веднаш во акција стапуваат тревопасните кои сакаат да загризат што поголем дел од зелениот и да му ја исцицаат енергијата изразена честопати и во странска валута. Зелениот е среќен што тревопасниот му обрнал внимание, и покрај тоа што е за тоа платен, па почнува трансферот на енергијата од првото ниво на синџирот на исхраната кон повисокото ниво, па од бонбониери и кафиња полека се преминува на парфеми и скапи пенкала за да се заврши со повеќе зелени стотчиња во џебот на тревопасниот. Откако ќе се засити вториот синџир, на ред е повисокиот, на месојадите. Дел од енергијата што ја исцицал од граѓанинот тревопасниот мора да врати во синџирот на исхраната обезбедувајќи му оброк на месождерот кој одлучува за судбината и специјализацијата на тревопасниот, за бројот на операциите кои може да ги направи како дополнителна дејност, неговата положба во рамки на клиниката и така натаму. Ништо поразличен не е ни во судството. Зелениот доаѓа по правдина во судската палата која е исполнета со тревопасни сфарОВЦИ кои на елегантен начин со помош на АКМИС и благодарејќи на врзаните очи на Јустиција со малото прсте ќе го наместат кантарот како што им одговара или како што сакаат. Изместувањето на тасот на кантарот е правопропорционално со тежината на дадената енергија изразена материјално која зелениот ќе му ја обезбеди како храна и енергија на тревопасниот. Кога тревопасниот ќе се најаде, месојадците почуваат да завиваат гладни и да го бараат својот дел од оброкот. Напредувањето во повисокиот суд, предметите кои ќе ги добива тревопасниот и сите привилегии зависат од задоволството од оброкот кој му е сервиран на месојадецот. Образованието, науката, културата и сите други области го имаат истиот или сличен синџир на исхраната.

Во партискиот живот и дејствувањето не е ништо поразлично од ова што го опишавме. Активистите, лепачи на плакати, оние од врата до врата, ракоплескачи, воодушевувачи, фејсбук-бранители, штапски потрчковци и анимир-дами не се ништо друго туку се првото ниво во синџирот на исхраната. Над нив доаѓаат оние тревопасните кои удираат и ги покажуваат своите копита газејќи ги овие зелените, но блеат и мукаат вртејќи со опашката додворувачки пред месојадите. Дали ќе биде тревопасниот пратеник или градоначалник, на кое место ќе биде на избирачката листа, кои ингеренции ќе ги има и колкав тревник за пасење ќе има зависи од неговото опавче и брзината со која врти пред месојадот и оброкот кој ќе му го обезбеди му ги дава привилегиите и атарот со кој ќе располага и од кој ќе се храни.

Поради овој синџир на исхрана, првпат се сомневам во точноста на една латинска поговорка „Хомо хомини лупус ест“ (Човек на човека му е волк) и мислам дека згрешиле старите Римјани и дека изреката требало да гласи „Човек на човека му е оброк“.