Што стои зад бранот лажни бомби на Балканот?


Screenshot

Во момент кога безбедносните теми повторно доминираат во јавниот простор, на Западен Балкан е отворена сезоната на закани со бомби. Новиот бран на дојави за поставени бомби открива стара шема, но доволно предупредувачка за да предизвика сериозна институционална и јавна реакција. Последните случаи во Северна Македонија и во регионот отвораат прашање: дали станува збор за изолирани инциденти или за поширока, можеби координирана појава, иако претходно шемата беше речиси идентична?

Во Скопје за само пред неколку дена, беа евакуирани трговски центри, училишта и други јавни обвјекти и простори по дојава испратена преку електронска пошта. Полицијата утврди дека станува збор за лажна закана, но реакцијата беше целосна – евакуација, блокада и проверки.

Иако досега сите дојави се лажни, МВР по секоја таква постапува според строго дефинираните протоколи без исклучок. Она што останува предизвик за МВР е разрешувањето на случаите со закани за поставени бомби кои пристигнуваат преку така наречените VPN адреси, односно преку мејл серверите за Виртуелна приватна мрежа (Virtual Private Network).Станува збор за енкриптиран, заштитен интернет проток за податоци, кој гарантира максимална заштита на идентитетот на тој што поседува VPN сметка што ги прави речиси невозможни обидите да се открие сопственикот на еден таков акаунт.

Дополнителната компликација да се откријат сопствениците на VPN го прави и мултиплицирањето на овие адреси, односно низата од VPN акаунти кои најчесто се географски на сосема различни и спротивни страни во светот, регистрирани во различни земји.За да биде појасно, тоа значи дека последната мејл адреса од која е испратена заканата може да е со екстензија @gmail.com, но кога ќе почнете да ја следите нејзината трага да сфатите дека таа доаѓа од некој VPN сервис, кој е енкриптиран, односно е речиси невозможно да се добијат информации за идентитетот на корисникот на таа сметка, која, пак, може да оди понатаму до друг VPN сервис, па дури и трет, сѐ со цел на тој начин да се изгуби трагата на мејл адресата, или со мултиплицираните VPN сервери за еден ист мејл да речиси да се оневозможи откривањето на „сопственикот“ на мејл сметката.

Но, „речиси невозможно“ не значи дека е „невозможно“. Ако се вратиме на случајот со „бомбашот“ од Кавадарци од пред три години, истрагата на МВР, следејќи ја трагата на Гугл мејл адресата на сторителот, стигна со заклучок дека тој првично регистрирал VPN сметка во – Бразил. Сепак, тоа не му помогнало многу затоа што една наивна грешка го открила неговиот идентитет, а потоа и мотивот, кој, колку и да е наивен, не го ослободува да биде осомничен за стореното дело, иако само сакал да се пофали и да им докаже на другарите дека е „способен“ и дека знае како се креираат VPN акаунти од кој може да се испраќаат закани.

Од една претходна анализа на оваа тема на Рацин.мк, Секторот за меѓународна полициска соработка за секој одделен случај е во постојана комуникација со Интерпол и Европол, како и со националните безбедносни служби на повеќе земји, вклучувајќи ги и САД, односно со сите оние кои се појавуваат како земји каде што се регистрирани VPN адресите за кои постои сомневање дека од нив пристигнуваат заканите за подметнати бомби.Оваа комуникација, којашто се остварува директно или преку нашите офицери за врски во нашите дипломатски претставништва, донесува и резултати. Некои од трагите за заканите за подметнати бомби водат до неколку земји од кавкаскиот регион.

Заканите во регионот откриваат многу поширока слика. Според најновите информации, цел Балкан е погоден од „бран“ закани испратени претежно преку е-пошта. Во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора, заканите доведоа до евакуации на училишта, трговски центри, па дури и аеродроми.

Клучните заеднички елементи се јасни. Начинот на испорака на заканите е со електронски пораки (email), често масовно испратени, а целите се „меки“ мети – училишта, трговски центри, јавни институции… Сега засега станува збор залажни дојави, без пронајдени експлозиви. Ова укажува дека не станува збор за класичен тероризам, туку за психолошки и хибриден притисок.

Од каде доаѓаат заканите?

Во Србија, истрагите покажале дека дел од заканите доаѓаат од странство од повеќе различни земји, користејќи електронски адреси и алатки за прикривање на идентитетот. Овој податок е клучен, бидејќи ја отвора можноста за координирани акции преку интернет за да се откријат шемите за злоупотреба на VPN и другите анонимни сервиси и за да се олеснат тешкотиите во меѓународната правна соработка.

Она што најмногу загрижува е што моделот е речиси идентичен низ целиот регион:
ист тип пораки, исти цели, ист исход – и речиси никаков конкретен траг до сторителите.Тоа остава две можни интерпретации дека или станува збор за децентрализирана, но координирана мрежа, или дека станува збор за бран на копирани инциденти што се шират како дигитален „вирус“

Иако бомбите не постојат, ефектите и последиците се реални. Доаѓа до прекин на наставата и работниот процес. Заканите претпоставуваат ангажирање на значителни полициски ресурси, и конечно, но не најмалку важно, туку напротив: Се создав чувство на несигурност кај граѓаните.Со секоја нова лажна дојава, институциите се ставаат во ситуација да реагираат како да е вистинска – што значи дека системот се троши без реална закана.

На прашањето зошто токму сега, постојат неколку можни објаснувања, кои не се исклучуваат меѓусебно:

1. Психолошка дестабилизација
Лажните дојави имаат минимален трошок, а максимален ефект – паника, прекин на наставата, економска штета.

2. Хибридни безбедносни притисоци
Во контекст на геополитички тензии, ваквите акции може да бидат дел од пошироки стратегии за дестабилизација, без директна одговорност.

3. „Имитациски ефект“
Кога една земја е погодена, моделот брзо се копира. Историјата покажува дека ваквите појави лесно се „заразни“ – особено кај млади сторители или организирани групи.

4. Локални мотиви
Иако денешниот бран изгледа организиран, традиционално вакви закани се користеле и за банални цели – одложување на испити или судења. Како и да се, Балканот и Македонија, очигледно, влегоа во нов циклус на предизвикување „евтина безбедносна криза“. Оние што ја предизвикуваат не ги чини ништо од аспект на ресурси, а таргетирани општества не смеат никогаш да си дозволат игнорирање на заканите затоа што цената во низ е скриена и никогаш не може да се открие колкава штета може да направи. (Преземено од Рацин.мк)