Што се случи во првиот круг на претседателските избори

РОБЕРТ НЕСИМИ

Крајно ниската излезеност, фијаското на Владата, недоволно добриот резултат на опозицијата, дебаклот на владините партии во албанскиот блок, како и целосното потфрлање на концептот „консензуален претседател“ се впечатоците од првиот круг на претседателските избори.

Излезеност. Она што најмногу го одликува првиот круг на претседателските избори беше крајно ниската излезеност. По обичај, интересот за гласање на претседателски избори е секогаш понизок од парламентарните или локалните, но сепак излезеноста овој пат ги надмина и најпесимистичките очекувања. Излезеноста во сите општини, без исклучок, беше пониска од изборите во 2016 и локалните 2017 година.

Гледано од етнички аспект, излезеноста беше најниска во местата населени со Албанци. Просечната излезеност таму беше само 20 отсто, во споредба со 51 отсто на парламентарните избори. Ова донекаде беше очекувано бидејќи Албанците обично се помалку заинтересирани за претседателски избори (за споредба, излезеноста во Дебар, каде што се одржаа и локални избори беше 44 отсто). Сепак, падот од 31 процентен поен беше запрепастувачки висок.

Но ситуацијата не беше ништо подобра ни кај македонскиот блок. Таму просечната излезеност достигна 51 отсто, но на парламентарни избори беше 75 отсто. Гледано во целина, конечната излезеност не достигна ниту 42 отсто, или беше за само околу 30.000 гласа поголема од потребниот праг во вториот круг.

Како важен фактор за овој феномен се напоменува зголемената емиграција во странство. Но невозможно е за година и пол земјата да ја напуштиле 250.000 лица, колку што беше разликата со гласачите на локалните избори 2017. Неизбежен е заклучокот дека во земјата владее политичка апатија и дека голем број луѓе кренаа раце од сите политички партии, што најпрвин е лош сигнал за власта.

Фијаското на Владата. Без разлика што кандидатот на власта Стево Пендаровски е прворангиран во првиот круг, овој резултат може да се толкува само како целосно фијаско на Владата. 31 партија, кои имаат над 70 пратеници во Собранието, успеаја да освојат само 43 отсто од вкупните гласови. Несомнено, искажаната волја на тие што излегоа да гласаат е опозициско.

Како ова огромна коалиција предводена од СДСМ, која пред нецели две години оствари убедлива победа на локалните избори, успеа да стигне до ваков катастрофален резултат уште долго ќе биде предмет на дебата. Сепак, две работи се јасни. Прво, тоа нема врска со Преспанскиот договор. На референдумот на кој овој договор беше предмет имаше 610.000 гласа „за“. Настрана албанските гласови, излегува дека на претседателските избори на СДСМ му фалеа над 120.000 гласови кои беа за Преспанскиот договор.

За толкав пад не може да биде виновен ниту кандидатот. Во целина, гледано надвор од партиските активности, неговата кампања, визија и пораки беа јасно проевропски, на линија со оние што гласаа „за“ во референдумот. Се добива впечаток дека тој, всушност, стана жртва на партиите кои го подржуваа и можно е дека би остварил подобар резултат без нив.

Недоволно добриот резултат на опозицијата. Од партиски аспект најдобар резултат остварија албанските партии од опозицијата. Со нивна поддршка кандидатот Блерим Река освои 80.000 гласа и при очајно ниска излезеност во албанскиот блок, и го победи конкурентот Пендаровски со резултат 2:1. Меѓутоа, опозицијата треба да биде свесна дека ваквото ниво на гласови не е доволно за победа на парламентарни избори. Таа ќе треба да најде начин да ги анимира опозициски настроените граѓани да излезат и да гласаат, и овој број дотогаш да го зголеми за најмалку 25 отсто.

Што се однесува до ВМРО, таа може да биде задоволна, зашто навистина успеа да го совлада СДСМ со разлика од околу 40.000 гласа, ако ги занемариме гласовите на останатите партии во коалицијата. Таа, исто така, победи во Скопје и неколку поголеми градови, со што Христијан Мицкоски докажа дека има потенцијал да го победи СДСМ. Со тоа тој ја зацврсти позицијата на лидер на партијата и со понатамошна внатрешна консолидација ВМРО ќе биде сериозен претендент за победа на наредните избори.

Сепак, партијата треба да биде свесна дека во суштина ги има истите гласови како на локалните избори, кога доживеа тежок пораз. Од оние што останаа дома во првиот круг, многу поверојатно е дека мнозинството се разочарани граѓани кои сепак не се подготвени да гласаат за ВМРО. Затоа ВМРО ќе треба да најде начин да расте и да привлече и такви незадоволни лица, а тоа нема да биде можно без суштински реформи, промена на ликот и пораката на партијата и целосно расчистување со мрачното минато на партијата. Лесно кажано, тешко остварливо.

Дебаклот на Владата во албанскиот кампус. Поразот на владините партии во албанскиот блок е далеку поголем од тоа што се случи во македонскиот блок. Четирите албански партии, плус СДСМ, кои заедно имаат 19 пратеници Албанци, успеаја да освојат само околу 40.000 гласови. Од другата страна, две партии со вкупно четири пратеници освоија 80.000 гласа. Тоа е знак дека волјата на Албанците е видно променета во корист на опозицијата, која на крилјата на овој резултат ќе претендира на победа на наредните избори.

Останува отворено прашањето кој ги донесе овие 40.000 гласа за Пендаровски. Судејќи по резултатите во Студеничани (бастион на ДПА) и Чаир (на Алтернатива), може да се каже дека овие мали партии го направија своето, па придонесоа со по околу 5.000 гласа секоја. ДУИ веројатно придонесе со околу 20-25.000, со што испаѓа дека од сопствените структури кај Албанците, СДСМ доби само помеѓу 5.000 и 10.000 гласа.

Ова е поголем дебакл отколку тој на албанските партии. За гласачите на ДУИ, ДПА и Алтернатива разбирливо е да не сакале да гласаат против кандидат Албанец, па и воопшто да не гласат. Но тоа не би требало да важи за гласачите на СДСМ, кои гласаа за СДСМ и кога имаа пет други алтернативи кај албанските партии. Реалноста е дека СДСМ набрзина ги изгуби тие 40.000 гласачи Албанци кои ги имаше во 2016 година. Таа воопшто не успеа да сфати како и зошто ги доби тие гласови, а судејќи по кампањата која ја води пред вториот круг нема ни поим како да ги врати. Но тоа е предмет за некоја наредна колумна.

Збогум „консензуален претседател“. На овие избори СДСМ и ДУИ истрчаа со различни кандидати. Кандидатот на СДСМ беше Стево Пендаровски, а партијата тврди дека ги гледа сите граѓани исто, без разлика на нивната етничка припадност. ДУИ истрча со „консензуален“ кандидат без име, за кој тврди дека е договорен помеѓу Македонците и Албанците. Далеку од тоа што не ги дели граѓаните по етничка припадност, ДУИ тврдеше дека е договорено нивниот кандидат да биде најпожелен од двете етнички заедници.

Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, води во првиот круг. Од друга страна, кандидатот на ДУИ изгуби на изборите. Албанците посакаа претседател да биде Блерим Река, а Македонците Гордана Силјановска-Давкова. Кандидатот на ДУИ изгуби во двете заедници, со што концептот на „консензуален претседател“ е целосно поразен. Стево Пендаровски може да победи во вториот круг, но тој може да биде само претседател на сите граѓани, а не „консензуален претседател“ договорен од етничките заедници.