Што да направите ако ве нападне куче
Средбата со агресивно куче може да биде многу стресна и непредвидлива, а погрешната реакција во тој момент може дополнително да го зголеми ризикот од напад. Затоа е важно да ги знаете основните правила на однесување што можат да ви помогнат да останете безбедни и да ја намалите можноста за повреда.
Во случај на блиска средба со агресивно куче, најважно е да не реагирате во паника, бидејќи ненадејните движења и стравот можат дополнително да го вознемират. Експертите за однесување на животните советуваат да не стоите мирно „како дрво“, но исто така да не трчате или да го вртите грбот, бидејќи трчањето може да го активира инстинктот на кучето да ве брка.
Наместо тоа, обидете се да ја одржите контролата врз ситуацијата: стојте стабилно, свртете се кон кучето настрана (не директно фронтално) и избегнувајте ненадејни движења со рацете.
Говорот треба да биде смирен, но решителен, цврсто „не“, „седни“ или „остани“ може да помогне во некои ситуации.
Ако кучето продолжи да се приближува, користете предмети што ги имате со вас (торба, јакна, шише, чадор) како бариера помеѓу вас и животното. Целта не е да се испровоцира, туку да се заштити вашето тело и да се создаде дистанца. Доколку се случи напад, заштитете го лицето, вратот и градите и обидете се да останете на нозе колку што е можно повеќе, бидејќи паѓањето го зголемува ризикот од сериозни повреди.
По инцидентот, важно е да го пријавите инцидентот кај надлежните органи за да се утврди дали кучето е вакцинирано и дали претставува повторен ризик за околината. Исто така, препорачливо е да побарате медицинска помош, дури и ако повредите изгледаат мали.