Северниот Југ на Исток


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Со денови размислувам што да напишам во колумната  што треба денес да ја предадам или поточно за што да пишувам во колумната кога темите што се  „вртат“ по порталите и медиумите се веќе излитени, досадни и истрошени. Што да напишеш или за што да пишуваш во земја во која настаните се повторуваат со децении, ситуацијата е поразително иста, глупавоста и глупоста се наследни, криминалот и арамилакот приватизирани, општеството и државата исполитизирани,  а единствено нешто што се менува се имињата.

Седнуваме во кафеана со пријатели, доаѓа келнерот да порачаме и ние му велиме – ајде предложи нешто. Келнерот како од пушка вели, ќе ви донесам ајварче, сиренце, кашкавалче, пинџурче,  макалце и лепче за почеток. Го гледа еден од пријателите под око и му вели – „не гледаш ли колку сме и колкави, ајде донеси ни ајвар, сирење, кашкавал, пинџур и потпечен леб со пржена сланина, не сланинче. Ако си ти човече, ние сме луѓе па донеси ни, без намалување до че“.

Еееее, Македонче, сè додека не станеш Македонец, и келнерот те гледа како човече за половина порција. Ние сме ти шампиони за менување на имиња,  па Билјана е секогаш Биби, Елеонора е Ели, Мирослав е Миро, а Александар е Аце. Само кај нас меѓусебно се обраќаме со „чичко“ и „тетке“, наместо со господине и госпоѓо или барем со другар и другарка онака по старски од едно друго помирно и поубаво време. Чичко колку е саат, те прашува помлад минувач, го гледаш, се чудиш, ни него го познаваш, ни татко му, па како си му ти тогаш чичко, односно брат на неговиот татко. Па што баш мора да си чичко, зошто да не си вујче, од страната на мајка му. Веднаш по запознавањето со некого, почнува обраќањето на „ти“, како да си близок со него со години и покрај тоа што првпат го гледаш, скоро име не му знаеш и кога ќе му се обратиш со „вие“, почнува да се обѕрнува и чудејќи се ти вели – не, сам сум.

Секогаш реформите сме ги почнувале и завршувале со менувањето на името, па од Републички судски совет создадовме Судски совет на РМ, а од републичкиот јавен обвинител добивме јавен обвинител на РМ. Содржината, неспособноста, исполитизираноста и неодговорноста останаа исти, се смени само името. Истото се случува во секој сегмент на државата и општеството каде што се менуваат само имињата на партиите кои доаѓаат на власт или функционерите кои седнуваат во фотелја, но не и начинот на работење и однесување. Неспособноста и неработењето царуваат, а единствено нешто на што се работи се демантите. Не се пијанел градоначалникот со жадиња туку тоа се нарекува градоначалничка опсервација на локалната услужна дејност со консумација. Кај нас тајкуните ги викаме бизнисмени, криминалците ги викаме херои, политичките опоненти – предавници, а за неистомислениците имаме серија погрдни имиња.

Ние сме светски шампиони во умешноста и уметноста да не ја подобриме лошата состојба, дури и кога сите од страна се обидуваат да ни помогнат и никогаш да не ги нарекуваме работите со нивното вистинско име. Негативниот извештај за состојбите во државата за нас е извештај кој нереално ја отсликува состојбата која е многу подобра од што се гледа, односно за нас е тоа тенденциозен извештај, со цел да наштети. Секоја критика или различно мислење добиваат име и се нарекуваат пристрасно известување, со цел да се дестабилизира напредокот. Извештајот на Рајнхард Прибе некои високи челници во судството го именуваа во „бладање на еден старец“. Прислушуваните разговори ги крстивме со името „бомби“, а оперативците од УБК станаа „жолти комбиња“.

Бомбите од докази станаа индиции, а од индиции станаа добра основа за меѓупартиски пазарења. СЈО од надеж и верба во иднината во која и високите функционери не се над законот стана орган за поткусурување. Амнестијата стана алатка за решавање на политичките потреби и решение за политичка криза.  Зошто кога самите си ги менуваме имињата на работите и никогаш не ги нарекуваме со вистинско име, се чудиме за менувањето на името на државата? Зошто да не бидеме северна кога едно градоначалниче од кафеаните себеси се нарекува Јункер и кога покрај северната одредница, ние сме уште многу далеку и од југот, а не пак од северот, изгубени некаде меѓу Истокот и Западот.