Се јави Шопенхауер од Кривогаштани


ЕРОЛ РИЗАОВ

Се јави малиот човек од Будимпешта со голема мисла, да ги охрабри своите следбеници во татковината да победат во битката за правда, што ќе го врати назад како Дон Кихот јавнат на Розинант за да го обнови  времето на рицарите и феудализмот.Во двобоите со ветерниците се бара реставрација на тиранијата. Никола Груевски го цитира големиот германски филозоф Артур Шопенхауер: „За да се признае туѓата вредност, треба да се има и сопствена“. Ете тоа ти се вика „велике мисли малих људи“ кои се најголеми жртви на сопствените лаги.

Човекот во егзил, во својата осаменост го идеализира својот беден учинок умислувајќи  дека неговите големи достигнувања  во ограбување и силување на татковината не можат да бидат признаени од тие што не го постигнале истото. Се гордее со своето незнаење  цитирајќи го Шопенхауер на навредливо погрешно место, претставувајќи се сè уште како голема личност, безмалку дисидент во прогонство. Груевски изигрува Шопенхауер од Кривогаштани, небаре е Хамлет од Горно Дупени. Неговите злодела се толку големи што мислата на познатиот филозоф би морало да ја толкува и како: „За да се осудат туѓите грешки, прво треба да се признаат и осудат сопствените“.

Е, токму тоа го прават неговите бедни остатоци во земјата. Судат за туѓи грешки, а молчат за своите злодела кои цели 11 години ги  уништија  и деградираа  сите вредности и личности  кои нешто направиле за својата земја. Не остана ниту еден заслужен човек  неоцрнет,  кој не е во согласност со нивната идеологија. Сè е прогласено за непријатели, предавници, кодоши и странски платеници.
Ги гледам неговите наследници на митинзи како без срам и перде составуваат обвинителни акти за она за што самите треба да одговараат и за што веќе им се суди и за кои се изречени првите пресуди, меѓу кои и неговата казна затвор од две години. Допрва ќе бидат изречени казните за многу потешки кривични дела за кои му се суди и на тиранот. Груевски, ако сам си суди за сето она што го направи, треба да си изрече пресуда на доживотен затвор. И сега сето тоа сакаат да го отфрлат неговите чувари на престолот, барајќи виновници за грешки што треба да се изедначат со тешките кривични дела кои опфаќаат сериозна загрозеност на човековите права и слободи, држење под надзор со години на над 20.000 граѓани и јавни личности, следејќи ги нивните комуникации, формирање злосторнички здруженија за изборни нерегуларности, организирање крвав обид за државен удар со насилен упад во Собранието, досега невидена злоупотреба на овластувањата и функциите, целосна контрола на институциите на системот, на парламентот, на судството и на медиумите, комплетно заробување на државата. Состојба што траеше цела една деценија  наречена груевизам, најцрн период откако Македонија е парламентарна држава, волнени времиња во кои е извршен најголемиот грабеж на граѓаните на Македонија, време на процут на организираниот криминал и корупција во царството на политичките гангстери. Последиците од  груевизмот ќе траат уште долго, сè додека не се искоренат рецидивите и остатоците од таа криминална банда која уште упорно работи на враќање во минатото.
Ако внимателно се следи изборната кампања и особено митинзите, јасно се отсликува дека се работи за само една  цел која ја има сегашниот врв на ВМРО- ДПМНЕ. А тоа е да се одбегнат правдата, затворските казни и враќање на украденото. Тоа може да се постигне на два начина. Едниот е да се освои повторно власта, што е помалку веројатно, а вториот е да се блокираат евроатлантските интеграции, членството во ЕУ и во НАТО. И за тоа да се избоксува општа амнестија, или аболиција од стариот или новиот претседател на државата, ако биде избрана непартиската доброволна жртва на ВМРО- ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која повеќе наликува на јунак од поговорката „дала баба два гроша да влезе на орото, а сто да излезе“, отколку на главен лик од песната „Ќе те прашам, бабо“.
Да имаа Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници  ниет да се борат за правда, за одговорност и за побрз развој и членство во ЕУ и во НАТО, ќе ги направеа единствените исправни потези кои  во вакви ситуации се неминовни. Прво, по бегството на осуденикот Никола Груевски, ако веќе немаа сила пред тоа да го избркаат од членство во партијата, барем по бегството да го разрешат од функцијата почесен претседател и да му удрат клоца  заедно со сите негови ортаци во политиката и криминалните бизниси. Да дадат силна поддршка на судството, на редовното и специјалното обвинителство да ги гони сите криминали на сите власти. Потоа требаше со заеднички напори да уследи прифаќање на Преспанскиот договор како единствено решение за остварување на евроатлантските интеграции на Македонија.

Се разбира, Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ  се одлучија да ги блокираат овие процеси, барајќи слобода за Груевски и неговите најблиски соработници. Таа катастрофална историска грешка се обидуваат да ја прикријат со патриотски вознес за спасување на името на државата, со лагата дека ќе обезбедат влез во ЕУ и во НАТО без да се менува името, со додавање на обврски кои не постојат во Договорот од Преспа, со проблематизирање на националната припадност, која никој не ја условува, со измислици дека е загрозен македонскиот јазик и надвор и дома, со лажно толкување на државјанството и уште еден куп лаги за идентитетски обележја кои не се засегнати со Договорот.
Ете, ова е капиталот на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски во нивната патриотска борба за спречување на европската иднина на Македонија. Тоа е таа погрешна и темна страна на историјата на која  застанаа во борбата за спасување на криминалците и злосторничките здруженија,  на сметка на сите граѓани и на државата.
Го видовте ли тој мрачен пат кон минатото на митингот во Скопје, кога професорката по уставно право, вмровизирана на краток курс по патриотизам, извикува со  шепот од минатиот век: Погодете кој ќе ви биде претседател ако нема цензус? Демек, ќе има експресна  промена на Уставот, партиско пазарење и конечно Шиптар ќе стане претседател на Република Северна Македонија. Ваков шовинистички излив  од граѓански активист и универзитетски професор е најдолниот патос што сум го чул досега во валканите битки за власт. Имало многу црнила, ама ваков жив срам немало. Веќе е сосема јасно и од говорите на вмровските челници и од некои нивни репрезенти по социјалните мрежи. Ако во првиот круг победи Стево Пендаровски, или ако резултатот е изедначен, во вториот круг ќе се обзнани бојкот бидејќи  поразот на Силјановска ќе биде убедлив во вториот круг со гласовите што ВМРО-ДПМНЕ не ги сака и поради кои од патриотски причини упаднале во парламентот за да го спречат изборот на Талат Џафери. Затоа опцијата бојкот во вториот круг се одржува на социјалните мрежи. Непризнавањето на резултатите од првиот круг ќе го означи бојкотот, и без да се повикува на апстиненција. Тоа би била последната блокада на Македонија на европскиот пат која  можеби ќе ја забави малку историјата, ама нема да ја запре. Тоа ќе го означи и крајот на ВМРО-ДПМНЕ и падот на груевистите во партискиот врв.