СДСМ поднесе кривична пријава против унгарските сопственици на телевизија Алфа


Фото: Б. Грданоски

 

СДСМ поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство поради постоење на сериозни сомнежи за организирана шема на перење пари, даночно затајување и фалсификување деловни книги.

Пријавата е поднесена против повеќе физички и правни лица, меѓу кои и Питер Шац, мнозински сопственик на Алфа ТВ, како и управителите на „Таргет медиа“ и „Алфа скоп“ ДОО, поради основано сомнение за сторени повеќе кривични дела, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ.

СДСМ се сомнева дека во периодот од 2017 година наваму, преку меѓународна мрежа на трансакции биле префрлени околу 2,85 милиони евра од странство кон Македонија, кои потоа завршувале во Алфа ТВ.

Овие средства биле прикривани преку фиктивни договори за маркетинг и реклами со компании кои немаат реална економска активност на македонскиот пазар.

СДСМ тврди дека Финансиската полиција веќе констатирала дека се работи за „сомнителни маркетиншки услуги“ со цел прикривање на потеклото на парите и дека за ова имало започната постапка, но е заглавена.