СДСМ: Новиот директор на МТВ е личен пријател на Мицкоски


 

Опозициската СДСМ вели дека изборот на Зоран Ристоски за директор на МТВ е уште една партизација на јавниот сервис. СДСМ вели дека Ристоски со прекар Ѓузa, кој е и почесен конзул на Гвинеја, е личен пријател на Христијан Мицкоски и на тоа место е поставен од самиот премиер.

„Единствена квалификација на Ристоски е личната близина со премиерот Мицкоски.  Еден конзул за енергетика – Адамовиќ, сега уште еден конзул за МТВ по шемите на Мицкоски.

Наместо националниот јавен сервис да биде еден од столбовите на демократијата и во служба на објективно информирање на граѓаните, Мицкоски гo претвори во партиски мегафон на неговата организирана криминална група.  Со ставањето во канџите на Мицкоски се заокружува целосната партизацијата и на државната МТВ.

Ова е дел од пошироката стратегија на целосна контрола врз институциите и медиумите.

Го окупираше правосудниот систем, си постави свои судии и обвинители на кои јавно им дели задачи, МВР се користи како во времето на Груевски,  нема заштита на податоците од камерите на ‘Безбеден град’.

Сега е поклопен и националниот јавен сервис. Се вративме во времето на Никола Груевски од 2016 година.

На власта ѝ се брза, снемува пари, следат истраги за бизнисите со Орбан во Унгарија. Затоа сакаат да ја укинат техничката влада и кога ќе снема пари да распишат избори“, велат од СДСМ.

Ристоски на оваа функција ќе го наследи Марјан Цветковски кој беше на чело на јавниот радиодифузен сервис 14 години, од 2012.

За Ристовски на седницата гласале 12 од вкупно 13 членови на Програмскиот совет, а само од еден не добил поддршка. Покрај него, за функцијата биле пријавени и Тони Гламчевски, Искра Ребац, Перо Попов, Зоран Богатинов, Сотир Сотировски и Игор Себишки.