СДСМ наспроти десниот популизам


НАНО РУЖИН

За помалку од дваесетина години левицата и десницата во Северна Македонија целосно се трансформираа како во стратешко-идеолошка така и во кадровска смисла. Од  стекнувањето на независноста, левицата ја представуваше СДСМ, додека десницата се препознаваше низ идеолошката матрица на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа еволуција не е исклучиво македонска. Слични партиски корелации се случуваат насекаде во Европа и во државите од Западен Балкан.

Бипартизмот трпи порази и трансформации. Во Скандинавија и Германија, партиите на Зелените играат сѐ позначајна улога и ја разбиваат монотоната партиска традиција помеѓу  левицата и десницата. Во Грција ПАСОК е во фаза на исчезнување по фантастичниот успех на Алексис Ципрас во 2014. Во Србија не постои класичната поделба помеѓу левицата и десницата. Александар Вучиќ е десничарски популист во коалиција со социјалистите на Ивица Дачиќ. Во Унгарија, некогашиот шампион на либералите, популистот Орбан е во коалиција со екстремната десница, додека левицата е во опозиција. Во Франција, антисистемскиот Макрон ги стопи и левицата и десницата, за сметка на неговите „прогресивци“ и ривалските екстремни десничари на Марин Лепен. На тој начин Макрон ја наруши и старата француска традиција за поделбата помеѓу левицата и десницата, воспоставена уште во 1789 во времето на Француската револуција.

Во тие напнати времиња, Луј XVI го свикал Националното собрание во свечената сала на Версај. Сите оние што го подржувале кралот и ројалистичките партии се нарекле десничари, бидејќи сметале дека со својот конзервативизам биле во право «être adroit», што може да се протолкува како „да се биде десно“. Наспроти нив, левицата се спротиставувала на кралот, барала негова абдицирање, воведување републикански вредности, секуларност и отстранување на богатото свештенството од политиката.

Оттогаш Европа помина низ бројни промени, револуции, пресврти и трагедии, а Самуел Хантингтон, дваесетиот век со право го нарече „век на идеолошки судири“. Студената војна беше одбележана со судирот на левицата и десницата исто како и првите искуства на пост-комунистичките држави. Социјалдемократијата и либералниот конзервативизам, продолжија со своите политички ривалитети, но во посткомунистичките општества болните искуства од времето на тоталитарниот комунизам и маргинализацијата на црквата, влијаеа врз слабеењето на левицата во државите на Централна и Источна Европа.

Довчерашните противници на Господ сфатија дека нераскинлив дел на балканскиот идентитет е религијата, што е незаобиколив граничник во политиката. Во новата социјал-либерална галаксија, левичарите станаа големи верници било заради сопственото убедување, било заради маркетиншки цели. Токму овој корективен ефект овозможи да ѝ конкурираат на десницата. Изгледа дека на Балканот политиката мора да е придружувана со религијата и  црквата. Било да се работи за македонската, црногорската, бугарската, српската или хрватската левица, мутацијата се одвиваше според истиот образец. Воедно, на сите овие левичарски, социјал-либерални партии им стана јасно дека „социјализмот“ повеќе нема место во социјалдемократскиот проект.

Од падот на Берлинскиот зид во 1989 година, историските услови ѝ наметнаа на  новата социјалдемократија на Балканот одредени правила на однесување. Промените и приватизацијата ги зголемија социјалните разлики и невработеноста. Беа десеткувани  здраственото и социјалното осигурување, додека синдикатот, некогашната моторна сила на левицата, беше маргинализиран. Во недосток на буџетски средства социјалната држава, или попопуларно „државата на благосостојба“, беше немоќна да ги покрие сите социјални празнини во општеството.

Затоа мора да ѝ се честита на екипата на Заев и Царовска што во овој домен имплементираа вистински социјалдемократски проект. Беше донесен Законот за социјална заштите, кој воведе позитивни промени, како што се социјалната пензија, зголемување на висината на детскиот додаток, хуманизација во сместувањето на децата без родителска грижа, подигнат прагот на минимум платата, се избришаа старите долгови, се промени законот за извршители… На Балканот и во Европа социјалдемократијата (социјал-либералите) сѐ уште ќе може да победува, но под услов  да ги применува императивите и програмите на времето во кое што живееме.

Во Северна Македноија пожелно е левицата да ја надмине вечната болка на СДСМ -синдромот на вообразеноста кон пониските ешалони кога партијата е на власт, да се организираат критички дебати во кои ќе учествуваат и интелектуалци и граѓани со поголем критички дух и да се води поголема сметка во кадровската политика, особено во локалната самоуправа.

Пред извесно време хрватскиот интелектуалец Жарко Пуховски, настојувајки да ги објасни манифестираните вулгарности во политичките дискурси, причината за овие несакани ефекти ја побара во „пролетеризацијата на партиите“.  За разлика од поранешните кадровски одбирања, кога за идните функционери се бараше одреден бекграунд или потекло од повисок социјален слој,  во политиката се случи целосен демокртаски кадровски пресврт. Можеби овие размислувања делуваат елитистички, но во политичките партии и на левицата и на десницата влегоа секојдневни луѓе, праксеолози, теренци, навивачи, агитатори без големи филозофии и дипломи ниту со големи политички и културолошки знаења.

Принципот „привлечи сѐ и прибери сѐ“, е присутен во сите европски демократии и партии. Најдобри резултати се онаму каде што е можна комбинација со интелектуалците и постарото членство. Конечно, СДСМ не треба да го потцени екстремизмот на својот партиски опонент – ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија речиси една деценија упорно ја негува својата популистичка димензија. Во неколку наврати во поблиското минато партијата презентираше проекти на ниво на екстремната десница. Кога таквите партии доаѓаат на власт тие се ориентирани кон изградба на авторитарен режим, односно илибералната демократија, како што беше случајот во периодот 2008-2016.

Стратешките определби на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, исто така се моментални, иреални и без долгорочни политички визии. На пример, заложбата за „враќање на името“ и „поништување на Преспанскиот договор“ се утописки. Специфичностите на популизмот се комплексни за дешифрирање, но олеснителна околност е што во расправите и однесувањето поседуваат заеднички точки и сличен политички менталитет. Нивните дискурси и позиции се провокативни, безобразно навредливи или екстремно хипокритични, што меѓу секој внимателен набљудувач рефлектираат чудење и дилеми за искажаните фантазми.

Сличните рефрени ги препознаваме меѓу сите авторитарни популисти. Од Марин Лепен и Матео Салвини од Бабиш, Орбан и Качињски до Вучиќ, Груевски и Мицкоски заедничко им е  што ја афирмираат одбраната на националниот суверенитет. Популистите тврдат дека тие го представуваат „вистинскиот народ“, како што беше случајот со „тврдокорните“, особено кога се во опозиција. ВМРО-ДПМНЕ се идентификуваше со волјата на народот која не била почитувана од страна на власта. Оваа партија го култивира национализмот и носталгијата кон минатото од своето постоење. „Скопје 2014“ стана најголеми град-музеј на кичот и новофабрикуваната историја. ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како патриотска партија и  брани една провинциска визија за Македонија „Никогаш Северна, секогаш Македонија!“ по цена и да се загрозат евро-атланските интеграции на државата.

Според многу индикатори, популизмот на тандемот Груевски-Мицкоски добива и геополитичка тежина кога во игра се вмешани руските интереси за подршка на партијата која ја велича Русија и е наводно заинтересирана за НАТО. Во оваа партија се инсистира   на разликата меѓу нив и останатите кои размислуваат поинаку, развиваат омраза кон „другите“, кон „комуњарите“, „предавниците“, „северџаните“ и ја форсираат манихејската визија за општеството, помеѓу „нив-добрите“ и „другите-лошите“. Користењето демагогија е лекција која ВМРО-ДПМНЕ ја вежбаше цели 11 години.

Од досегашното функционирање на техничката влада сфативме дека министрите на ВМРО-ДПМНЕ се во конфликт со реалноста. Ги злоупотребуваат позициите и зборовите и ја искривуваат реалноста со нивните претерувања. Лагата е инструмент на додворување во двојна насока. На толпата ѝ се допаѓа да верува во нереални нешта, јакнејќи го чуството на вредноста на оној што го манипулираат. Лагата се претвора во вид митоманска политичка пропаганда на популизмот на ВМРО-ДПМНЕ. Популистичките апаратчици култивираат разни форми на непристојност, лажни вести, не ги почитуваат политичките обичаи на културно однесување. Со своите ставови често паѓаат под достоинството, користатостри реторики и вулгарни изрази. Јавноста се обидуваат да ја манипулираат со факти и емоции и со патриотизмот како автентични чувари на националните вредности. Повикуваат на агресивност и тешки навреди преку социјалните мрежи, јавни говори, конференции за печат или медиуми.

Во преостанатиот период СДСМ и коалициските партии доколку се решени да ги добијат следните парламентарни избори, ќе мораат да направат сериозна анализа на нивниот опонент, да ги синтетизираат опасностите и алатките на популизмот и внимателно да најдат одговор на најголемиот број предизвици и прашања. Единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ остави големи трауми врз демократијата, поделбата на власта, врз медиумите, врз граѓаните, корупцијата и организираниот криминал, а остатоците од илибералната демократија сѐ уште се длабоко присутни во македонското општество.

(Авторот е универзитетски професор)