СДСМ го критикува својот градоначалник на Крива Паланка за рудникот на антимон


Крива Паланка

 

Опозицискиот СДСМ денеска го повтори своето барање за организирање локален референдум во општина Крива Паланка околу најавите за отворање рудник за антимон. Партијата го прозива градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој е член на САДМ, да се изјасни за организирање референдум и дека тој не може сам да одлучува.

Премиерот Мицкоски во неделата изјави дека правото на референдум е уставно загарантирано и секој може да го побара, но оти е зачуден од фактот што градоначалникот на Крива Паланка има поинакво мислење од раководството на партијата околу барањето за локален референдум.

СДСМ денеска соопштува:

„Градоначалникот Сашко Митовски, не може да одлучува сам или да се договара со Мицкоски. Граѓаните на Крива Паланка, а не експертите поврзани со ВМРО-ОКГ и бизнис интересите на Мицкоски, треба да одлучат дали сакаат рудник за антимон во нивниот крај. СДСМ не е против инвестиции, туку против рудник што загрозува здравје и тивко убива. 

Копањето антимон е една од најтоксичните рударски дејности во светот. Тоа носи сериозни здравствени ризици – респираторни заболувања, оштетување на срцето, проблеми со црниот дроб и бубрезите, дерматитис, анемија, репродуктивни нарушувања и зголемен ризик од рак на белите дробови. Антимон триоксид е класифициран како веројатно канцероген за луѓето.

Имаме горчливо искуство токму со рудникот Лојане. Таму отпадот од старите рудници и денес загадува почва, вода и воздух. Луѓето сè уште страдаат од хронични заболувања, а отпадот продолжува да го труе регионот со децении“, велат од СДСМ и додаваат. 

„Градоначалникот мора првенствено да ги слуша своите граѓани, а не човекот кој ја гледа државата како свој тендер“.