Дац и Александар меѓу ретките со црвен винил на естрадата – постхумно му ја подарија на Драган Б. Костиќ
„Посебно сме горди што успеавме таа романтика што ја носиме во нашите песни да го заробиме во едно парче винил, за да остане за сите времиња“
„Плочите во мое време беа црни, ама сега кога разбрав дека може да бидат во боја, ја направивме црвена, како бојата на љубовта. Од срце“, рече актерот Драган Спасовски – Дац, кој вчера, во „Трибека“ заедно со композиторот Александар Митевски, семејството, пријателите и колегите, во дневна коктел атмосфера, ја промовираа својата прва грамофонска плоча, насловена „Уште ми фалиш“ по нивниот хит.
Како вистински поклоници на ретро стилот, двоецот кој ја освојува Македонија и регионот со своите џумбус забави, создадоа винилно издание со избор од 10 свои најголеми хитови. Плочата е печатена во SONY DADC во Австрија, а самиот винил е во впечатлива црвена боја — симбол на љубовта, носталгијата и емоцијата што ја носи нивната музика. На омотот е насликана чаша со „истурено вино“, износени патики и машината за пишување, која е нивен заштитен знак и која се провлекува во спотовите, а сите „направени од хартија“. Каверот е замислен како мал визуелен времеплов, спој на љубов, сеќавања и музичка носталгија.

Плочата ја најавија на својите концерти „Дамите бираат“ на 6 и 7 март во МНТ, а сега се пресреќни што таа конечно излезе и ќе биде достапна и на јавноста. Плочата вчера можеше да се набави и по промотивна цена, потпишана со нивна лична посвета.
„Зошто плоча? Затоа што плочата не можеш да ја изгубиш како USB, не можеш да ја оштетиш како CD. Таа останува трајно. Не велам дека со шајка не можеш да ја изгребеш, но која будала би гребела плоча со шајка?, рече Дац.
„Посебно сме горди што успеавме таа романтика што ја носиме во нашите песни да го заробиме во едно парче винил, за да остане за сите времиња“, кажа Александар.
Тој откри дека меѓу гостите на промоцијата се и најблиските на починатиот диско селектор Драган Б. Костиќ и дека ним, тој и Дац ќе им подарат една плоча, за да стои во неговата огромна колекција.
„Драган беше наш голем пријател и многу ми фали. Би сакал да го поздравиме со аплауз, големите уметници се поздравуваат со аплауз. Тој не дочека да ја види оваа плоча, но постхумно би сакал да му ја доделам, за неговата колекција, на неговото семејство, поточно на Ели и Бане“.
Меѓу гостите на промоцијата беа и близначките Маријана и Росана, со кои Дац и Александар најавија заедничка песна, Блага Петреска со која неодамна снимија дует, но и Маја Гроздановска Панчева која настапува со нив во „Трибека“ , која дојде заедно со сопругот, славниот фудбалер Дарко Панчев.