Уапсена директорката на водоводот во Гостивар, власта ги крие анализите

Фарсична прес-конференција во Владата: резултатите од анализите не ги соопштува никој


Министерот за здравство, Сашо Клековски, на прес-конференцијата во Владата (Фото: Б. Грданоски)
 
Полицијата денеска ја уапси директорката на НП „Комуналец“ во Гостивар, Артана Асани заедно со двајца нејзини соработници, техничкиот директор, Леон Нуредини и раководителот на водоводот, Вадедин Дервиши. Се очекува тие  наскоро да се појават пред обвинителството, а судијата на претходна постапка ќе им одреди мерки на претпазливост.
 
Претходно градоначалникот ја суспендираше директорката на гостиварски „Комуналец“, но лично не чувствуваше одговорност за епидемијата, предизвикана најверојатно од загадената вода за пиење, што резултираше досега со околу 3.100 заболени. Во моментов хоспитализирани се четири лица – тројца возрасни и едно дете, а првите случаи биле пријавени на 13 јули, иако проблемот се претпоставува дека постоел и претходно. 
 
Инаку, Асани, откако избувна епидемијата, тврдеше дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода бидејќи  „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“. Според неа, причина за заболувањата  била храната што ја јаделе или високите температури. 
 
Паралелно, додека траеше приведувањето, во Владата се одржа прес-конференција на која се случуваше фарса: Министерот за здравство, Сашо Клековски, директората на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, и директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, информираа колку брзо реагирале околу ситуацијата, колку анализи направиле и колку добро ги следеле процедурите, но одбивајќи притоа да ги објават резултатите од анализите – бидејќи тоа требало да го направи Јавното обвинителство како институција што ги нарачала.
 
Од Јавното обвинителство, пак, се повикуваа на истрагата и не чувствуваа таква обврска, додека Андоновска не можеше да објасни како тоа Обвинителството дознало за загадувањето на водата и побарало интервенција, а тие четири дека немале поим дека тоа се случува.
 
Уште повеќе новинарите беа зачудени како по седум дена од епидемијата резултатите сѐ уште не се знаат и се изнесуваат споредни податоци, со пароли дека „нема да се дозволи граѓаните на Гостивар уште еднаш да бидат жртва на вакви настани!“
 
Клековски само информираше дека резултатите денес ќе бидат доставени на Јавното обвинителство, а ќе бидат објавени кога ќе им дозволат, додека паралелно ќе продолжи правењето на дополнителни анализи за загадувањето на водата. Единствено конкретно на прес-конференцијата беше неговата оценка дека храната е исклучена како можен причинител на епидемијата и дека забраната за употреба на водата од страна на АХВ останува, додека не стигне друга препорака.
 
И, без оглед што се дел од извршната власт и од институции кои имаат најголема надлежност за здравствени кризи, веројатно во обид да испаднат чисти  во ситуацијава, Клековски дури пародично порача дека не сакаат „да се мешаат во истрагата“. 
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска (Фото: Б. Грданоски)
Слично беше објаснувањето и на директорката Андоновска на прашањето зошто се чекало четири дена за да реагираат, по што таа кажа дека работеле „според пријави“, односно заболени имало, но многу од нив не биле пријавени или внесени како податок така што не можела да се види димензијата на епидемијата. Испаѓа дека луѓе може да умираат по улици од ебола, но ако тоа никој не го пријави, нема да видат дека има епидемија. 
 
На барањето на новинарите да кажат барем како ги лекуваат заболените, одговорот беше исто така нејасен, односно дека ги третираат според симптомите. Немаше одговор директен ни индиректен дали водата генерално е безбедна за користење, не за пиење, и место тоа беше повторена препораката дадена деновиве. Андоновска исто така проба да се исклучи од одговорноста, нагласувајќи дека надлежност да се испитува квалитетот на водата во гостиварскиот водовод имала и општината, а таа го решила тоа со јавна набавка која предвидувала само две посети на  изворот! Но, таа уверуваше дека се направени напори околу анализите и дека резултатите се добиени во „рекорден рок“. Според неа, криењето на резултатите е во интерес на истрагата што ја води Јавното обвинителство.
 
„Ова е во интерес на истрагата. Важно е да се најде причинителот (на епидемијата), но уште поважно е да се лоцира одговорноста“, рече Андоновска. 
 
Од Јавното обвинителство само соопштија дека и натаму преземаат истражни дејствија за прибирање докази.
 
„Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите. Постапката сѐ уште е во фаза на предистрага, која е тајна. Веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде запознаена“, порачаа од ЈО.
 
Инаку со двете највисоки обвинителства во државата раководат кадри од Гостивар, Ислам Абази и Ненад Савески, а вториот и живее во овој град.
 
Неофицијално, во четирите испитани примероци се пронајдени фекални колиформни бактерии, додека во еден примерок е утврдено и зголемено присуство на хлор, кое е опасно за здравјето исто така.  Доколку овие информации бидат официјално потврдени од надлежните институции, тие би можеле да укажуваат на сериозни пропусти во управувањето со водоводниот систем, кој е под надлежност на локалната самоуправа. Една од насоките што ги испитуваат надлежните институции е можноста во водоводната мрежа да дошло до навлегување на фекално загадување, по што било спроведено дополнително хлорирање на водата како мерка за дезинфекција.
 
Клековски потсети дека ова не е прва ваква епидемија во Гостивар и дека и во 2017 година имало масовно заболување, но причината никогаш не била официјално утврдена. Тој рече дека токму поради искуството од пред девет години, институциите сега се целосно насочени кон утврдување на причинско-последичната врска и откривање на изворот на заразата.
 
Со оглед на тоа дека не толку одамна, само пред четири месеци, кафеава вода течеше 11 дена во Струга,  прашањето е што се презело тогаш од институциите за да се заштитат долгорочно изворите на вода од самоволие на поединци или компании и да не се повтори ваква ситуација, освен што се апсат одговорни лица. Поради екстремното заматување и загадување на водата за пиење во Струга, Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за утврдување на причините и можните кривични дела против животната средина. Директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ Струга, Меџијаит Јусуфоски, од морални причини си поднесе оставка иако не беше директно одговорен.

 

„Ова е огромна еколошка катастрофа. Во 43 години работа не сум видел вакво заматување. Ги информирав сите институции, но моите надлежности се ограничени. Поради тоа поднесувам оставка“, изјави тогаш Јусуфоски.

Според првичните резултати на Центарот за јавно здравје, на 11 февруари заматеноста на водата од изворот Шум достигнала 28,59 проценти, што е повеќе од дваесетпати над максимално дозволената вредност од 1,5 проценти.

„Направив мониторинг на терен и водата во изворот е буквално како кал. Мерењата во куќите и училиштата покажуваат екстремна матност и обоеност. Граѓаните моментално може да користат само флаширана вода или езерска вода за одржување хигиена“, изјави тогаш Лидија Симонска од ЦЈЗ.

Се покажа дека поранешните општински органи, градоначалниците и надлежните институции со своите постапки или непостапувања, го оштетиле екосистемот и следствено и водата. Се констатирало дека било дозволено ископувања повеќе од 10 години без критериуми, при што една од компаниите добила дозвола за ископувања во оваа чувствителна зона.

„Не е утврдена заштитна зона од 1 километар околу изворот, што е задолжително и се дели на три заштитни зони: зона од 300 метри од изворот, каде што не треба да се дозволи никакво ископување ниту движење во близина, зона од 600 метри и зона до 1 километар. Оваа зона требало да биде оградена и физички заштитена“, стоеше тогаш во извештајот за скандалот во Струга каде две компании со ископувања ја загадија водата за пиење.
 
Општина Гостивар во меѓувреме го активираше Кризниот штаб, кој ќе координира дел од активностите за помош на граѓаните. Градоначалникот Ваљбон Лимани соопшти дека ќе биде отворена телефонска линија преку која жителите ќе можат да побараат помош и достава на вода за пиење.
 
„Со мобилни екипи водата ќе им биде доставувана директно до нивните домови“, додаде градоначалникот.На прашањето дали чувствува морална одговорност за состојбата, тој одговори дека не чувствува лична одговорност, но потврди дека директорката на ЈП „Комуналец“ и дел од раководството задолжено за водоводот се суспендирани до завршување на истрагата.
 
„Ги очекуваме резултатите од анализите и врз основа на нив ќе постапиме. Не сакам никој однапред да биде прогласен за виновен, но исто така не смее да има попречување на работата на надлежните органи“, изјави Лимани.