САД се повлекуваат од 66 меѓународни институции и тела
Соединетите Американски Држави годинава се повлекуваат од голем број меѓународни организации и институции, што се смета за потврда на систематскиот раст на скептицизмот кон мултилатерализмот и глобалната соработка под администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
По повлекувањето на САД од Светската здравствена организација на првиот ден од неговиот втор мандат, на почетокот од годината Трамп го потпиша повлекувањето на САД од 66 меѓународни организации и тела, вклучувајќи 31 субјект поврзан со Обединетите нации и 35 тела надвор од системот на ОН. Белата куќа објави дека многу од овие институции „дејствуваат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на САД“, особено во прашањата за глобалната клима, човековите права, родовата еднаквост и развојот. Реакциите од меѓународната заедница и меѓу експертите се различни, но геополитичкиот тон е јасен: потезите на Вашингтон го отфрлаат традиционалниот пристап на глобално лидерство во корист на стратегијата фокусирана на геополитичката автономија и создавањето нови билатерални и ад хок форуми.
Малкумина од водечките светски политичари ја поддржаа оваа одлука, а меѓу најгласните критичари беше Кина, која Трамп ја посети минатата недела. Директорот на Одделот за информации на Министерството за надворешни работи на Кина, Мао Нинг, ги отфрли американските мотиви и ја нагласи улогата на мултилатералните институции во одржувањето на глобалната стабилност.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди за сериозни финансиски и оперативни последици од пристапот на САД, нагласувајќи дека глобалната организација ризикува „финансиски колапс“ поради доцнењето на придонесите на САД и повлекувањето од клучните тела.