Шпанските конзервативци ги загубија мнозинството во Андалузија; ќе тропнат на врата кај крајната десница

Уште еден разочарувачки резултат на владејачките социјалисти на премиерот Педро Санчез


Победникот на изборите Хуанма Морено од Народната партија (Фото: ЕПА)

 

Шпанската конзервативна Народна партија (ПП) победи на регионалните избори во Андалузија во неделата, но го загуби апсолутното мнозинство, оставајќи ја зависна од поддршката или апстиненцијата на крајно десничарската партија Вокс за формирање нова влада.

По изборите во најнаселениот регион во Шпанија – кои ќе послужат како барометар за поширокото изборно мислење пред општите избори следната година – социјалистите паднаа на најниско ниво досега, а Вокс освои едно дополнително место.

Народната партија освои 53 места во регионалниот парламент со 109 места, што им остава две места помалку од апсолутно мнозинство и пет помалку од 58-те што ги освои на последните избори во 2022 година.

Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), која на национално ниво ја предводи премиерот Педро Санчез, падна од 30 места на 28, додека Вокс се искачи од 14 места на 15. Левичарската партија Аделанте Андалусија се искачи од две места на шест, а левичарската коалиција Пор Андалусија ги задржа петте места што ги освои пред четири години.

Резултатите од неделата значат дека регионалниот лидер на Народната партија, Хуан Мануел „Хуанма“ Морено, ќе мора да преговара за враќање на функцијата со Вокс – нешто што сакаше да го избегне за време на кампањата.

„Ќе се обидам да владеам сам и ќе работам што е можно понапорно за да нема ограничувања или услови од Вокс“, изјави тој за радио Кадена Сер минатата недела. Морено ја критикуваше таканаречената политика на „национален приоритет“ на крајнодесничарската партија, која би ги фаворизирала Шпанците пред луѓето родени во странство кога станува збор за домување и бенефиции. Иако Морено го отфрли како „празен слоган“, Вокс ја направи политиката клучен дел од коалициските договори во кои неодамна повторно влезе со Народната партија во региони како што се Екстремадура и Арагон.

Зборувајќи по објавувањето на резултатите, Морено рече дека неговата партија се доближила многу блиску до уште едно апсолутно мнозинство, но дека аритметиката отсекогаш била комплицирана.

„Вистина е дека не добивме највисоки оценки за кои се надевавме, но сепак постигнавме извонредна оценка“, рече тој. Морено, исто така, инсистираше дека добил мандат „да продолжи да ја трансформира Андалузија“ и вети „уште четири години реформи и стабилност“.

Кандидатката на социјалистите, Марија Хесус Монтеро, водеше интензивна кампања за здравствена заштита, обвинувајќи ја Народната партија за небрежност по скандалот поврзан со управувањето со резултатите од скенирањето на ракот на дојка во регионот.

„Ова не се добри резултати за нас“, рече Монтеро. „Ние го земаме предвид она што Андалузијците ни го кажаа на гласачките кутии.“

Народната партија, која сега би можела да се соочи со месеци преговори со Вокс за формирање нова влада, ја опиша својата победа како „убедлива победа“ и рече дека социјалистите на Санчез претрпеле „катастрофален резултат“. Премиерот му честиташе на Морено, но рече дека неговата партија „ќе продолжи да го поттикнува социјалниот и политичкиот напредок што го подобрува животот на луѓето“.

Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, го повика Морено да ги послуша гласовите на 576.000 Андалузијци кои ја поддржаа неговата партија и со тоа покажаа дека „веруваат во националниот приоритет… и веруваат дека регионалните влади можат да работат на запирање на инвазијата на мигранти“.

Анкетите пред општите избори следната година покажуваат дека Народната партија е на пат да го победи Санчез, чиј внатрешен круг, партија и администрација беа погодени од низа корупциски скандали. Сепак, се очекува конзервативците да не успеат да освојат апсолутно мнозинство и веројатно ќе им треба поддршката од Вокс за да управуваат на национално ниво.