САД одобрија милијарда долари хуманитарна помош за УНИЦЕФ и Светската програма за храна
САД соопштија дека ќе издвојат милијарда долари за хуманитарна помош и помош при катастрофи за УНИЦЕФ и Светска програма за храна.
Средствата се наменети за поддршка на активности за спасување животи во повеќе од 40 земји, соопшти американскиот Стејт департмент.
Според соопштението, повеќе од 800 милиони долари ќе бидат доделени на Светската програма за храна, додека УНИЦЕФ ќе добие над 218 милиони долари.
Информацијата доаѓа еден месец откако САД соопштија дека ќе обезбедат 1,8 милијарди долари за Обединетите нации. Во декември, администрацијата на претседателот Доналд Трамп најави финансирање од две милијарди долари.
Пред Трамп да ја преземе функцијата, американските финансиски придонеси за ОН беа значително повисоки.
САД и натаму должат милијарди долари членарини кон ОН, организација што се соочува со сериозни финансиски предизвици и која Трамп повеќепати јавно ја критикуваше. На почетокот на неговиот втор мандат, тој ја доведе во прашање американската хуманитарна помош и укина голем број програми.
За време на мандатот на Трамп, САД се повлекоа и од неколку организации на ОН, како и од повеќе меѓународни договори поддржани од светската организација.