Репортажа: Зошто Анталија е магична за Македонците ( и за сите во светот)?

Анталија е далеку од само летна дестинација – таа е и возбудлив живописен простор за истражување, поврзување со историјата и враќање кон природниот ритам на живот


Дваесет години тука летував, и пак би се вратила во Анталија. Полна со топлина, што од сонцето, што од гостопримливоста. 

Анталија, бисерот на турското медитеранско крајбрежје – е место каде што сонцето, морето и историјата се спојуваат во една незаборавна приказна. Со своите златни плажи, тиркизните води и богатото културно наследство, овој град привлекува милиони посетители од целиот свет. Од старите калдрмисани улички на Калеичи, до модерните хотели и живописен ноќен живот, Анталија нуди искуство за сите сетила. 

Анталија со години важи за една од најомилените летни дестинации кај Македонците, и тоа не е случајно. Комбинацијата од пристапност, удобност и богата понуда  ја прави идеален избор за одмор. Токму, во мај, кога температурата се движи меѓу 24 до триесет степени, со 40 отсто влажност, наспроти топлотниот африкански бран кој знае да ја зафати Анталија во јули и во август па температурата може да достигне и до 50 степени, а има еден и ден во годината кога температурата на морето оди и до 42 степени. Затоа на плажите нема чадори туку тенди, а сите хотелски барови нудат дебели сенки во кои туристите уживаат со студен пијалок. Летната сезона започнува во април и трае до крајот на ноември.

Прво, цената игра голема улога. Во споредба со многу европски туристички центри, Анталија нуди „ол инклузив“ аранжмани по прифатливи цени, каде што туристите добиваат сместување, храна, пијалоци и забава во еден пакет. За многу семејства, ова значи безгрижен одмор без дополнителни трошоци. Се разликува во нијанси. Дали сакате модерен или традиционален хотел, со низа активности или мирен, семеен, со повеќе градини или базени, море веднаш до хотелот или подалеку, со автобуски превоз на секои десет минути. Дали сакате базени со обична или со морска вода, ситен или покрупен песок на плажите, да влезете во плитко или веднаш во длабоко море. Дали сакате тепсија море или море со бранови.

Второ, близината е значајна предност. Со директни чартер летови од Македонија, патувањето е кратко и удобно, што ја прави дестинацијата погодна и за семејства со деца.

Трето, услугата и гостопримството се на високо ниво. Хотелите во Анталија се познати по љубезниот персонал, одличната организација и разновидната понуда – од базени и спа центри до активности за деца  и вечерни програми.

Не треба да се заборави и природната убавина: Анталија која може да се пофали дури со 300 сончеви денови во годината, сезона која трае 11 месеци, 400 километри долг морски брег и преку 3.000 хотели, а во неа се сместени најголемиот број плажи со „Сино знаме“ во светот. Богатата историја и можностите за екскурзии им овозможуваат на туристите да искусат нешто повеќе од класичен летен одмор.

Градот изобилува со културни, историски и природни богатства, како што се античките градови Патара и Сиде, Портата на Хадријан, водопади и импресивни пештери. За љубителите на авантури се препорачува пешачење по легендарната Ликиска патека, рафтинг или нуркање. Богатата медитеранска кујна најдобро може да се доживее со вечера покрај старото пристаниште, каде што свежата морска храна се служи со поглед кон јахтите и зајдисонцето. Анталија е и втор најголем меѓународно поврзан туристички центар во Турција, со директни летови од повеќе од 60 земји во текот на летната сезона, што ја прави главна порта кон Турската ривиера.

Што изјавил Кемал Ататурк?

Во повеќето хотели во и околу Анталија, ѕидовите ги красат плочи со ликот и мудрите мисли на Кемал Ататурк.

За време на својот живот, таткото на модерна Турција и нејзин прв претседател, три пати ја посетил Анталија. Првиот пат во 1930 година и тогаш изјавил „Без сомнение, Анталија е најубавото место на земјата“. Во сеќавање на големиот вљубеник во Анталија големата куќа во која престојувал за време на неговите посети од 1986 година е претворена во спомен – куќа. Во двокатната куќа лоцирана близу стариот град, на работ од паркот Каралиоглу, може да се видат фотографии од неговите посети на градот, соба со лични предмети на Ататурк, како и спомен монети и банкноти.

Планинарските рути на Анталија

Анталија, покрај прекрасните песочни плажи и активностите на вода, нуди и друга димензија на доживување – планинарски патеки што ги спојуваат природните убавини, археолошките локалитети и руралниот живот во еден автентичен медитерански мозаик.

Помеѓу бреговите на Средоземното Море и планините Таурус, овој регион е дом на три значајни пешачки рути: Ликијската патекаПатеката на Св. Павле и Писидијската патека – секоја од нив со свој ритам, свој пејзаж и свое историско наследство.

 
 

Најпознатата и најдолга меѓу овие три атрактивни планинарски рути е Ликијската патека, која е со должина од 540 километри и се протега од крајбрежната област Фетије до Анталија. Оваа рута нуди возбудливи погледи кон бескрајното море, минува низ мали рибарски села, карпести предели, планински премини и тајни заливи. Патеката поминува и покрај значајни археолошки локалитети како Ксантос и Летон, заштитени од УНЕСКО, како и Олимпос, каде природата и историјата се испреплетени. Ликијската патека е омилена не само поради своите пејзажи, туку и поради можностите за авантуризам, како што се параглајдинг од планината Бабадаг, нуркање во Каш – еден од десетте најдобри локалитети за нуркање во светот, и качување на карпи во Гејикбари.

 

За доживување на овој регион преку призмата на христијанската историја идеална е патеката на Св. Павле. Таа е долга околу 500 километри и ги следи стапките на апостол Павле за време на неговата прва мисионерска мисија низ Мала Азија. Рутата започнува од античкиот град Перге, минува покрај атрактивниот Водопад Куршунлу, преку Кањонот Кoпрулу, селото Селге, до градот Јалвач, кој е дел од мрежата на интернационалното движење „Cittaslow“. Пешаците можат да престојуваат во планински домаќинства, да кампуваат во природа и да ја почувствуваат тивката страна на селскиот живот во Турција.

Скриените богатства на Анталија кои вреди да се посетат

Во неговата околина лежат скриени богатства, кои ќе ги изненадат дури и најискусните патници. Ваквите места претставуваат одлична можност да се открие сосема нова и поинаква страна на Анталија.

Едно од нив е Ормана, старо јуручко село во подножјето на планините Таур, кое е дел од листата најдобри туристички села во светот за 2024 на Организацијата за туризам на ОН. Со своите пејзажи од бујно зеленило, живописно синило и носталгичен амбиент, Ормана е одлично место за откривање на турскиот рурален живот. Селото е познато по автентичните куќи, изградени само со камења и кедрово дрво, без ѕидарски малтер. Овие домови од отоманската ера се извонредни примери на народна архитектура, истакнувајќи ја вековната традиција на регионот и одржливиот начин на живот во хармонија со природата. Селото е познато и по лозовите насади, а речиси 60 години, секој септември се одржува фестивал во чест на грозјето чавуш.

 

Меѓу скриените богатства на Анталија е и пештерата Алтинбешик, едно од најистакнатите природни чуда на Турција. Пештерата, дел од Националниот парк Алтинбешик, е дом на најголемото подземно езеро во Турција и содржи сталактити, сталагмити и травертини слични на мраз. Посетителите можат да ја истражат внатрешноста на пештерата со брод или да пешачат во Националниот парк, каде се сместени 605 растителни видови, вклучувајќи ендемични видови и богат див свет.

Следува Химера или карпите што горат, кои се еден од најинтригантните природни феномени во Турција. Вечниот оган во Химера е резултат на гасот метан што излегува од земјата и се среќава со атмосферата, предизвикувајќи пламени. Карпите, до кои се стига со 30-минутно пешачење, се дел од националниот парк Олимпос Бејдаглари. Постои верување дека вечните пламени на Химера се остатоци од огнот што го блуел троглавиот змеј Химера. Јунакот Белерофон, јавајќи на крилестиот коњ Пегаз, го убил змејот, претворајќи го во карпа.

Иако Химера е надреална глетка, особено по зајдисонце, не треба да се изостави соседниот антички град Олимп, кој датира од 3 век п.н.е. и нуди прозорец кон минатото и животот во Ликија. Тука се наоѓа и познатата плажа Олимп.

На крај, доколку сте во Анталија, треба да ги посетите и водопадите Учансу, сместени на 60 километри од Белек. Водата што доаѓа од планината Таур ги формира двата водопади, секој со височина од 25-30 метри. За да се стигне до нив потребно е да се искачи планинска патека, а пешачењето трае околу еден час. Сепак, кога ќе го достигнат врвот, посетителите се наградени со прекрасна глетка. Водопадите Учансу се дел од втората најдолга пешачка патека во Турција, која на планинарите им нуди шанса да истражуваат антички урнатини, традиционални села и недопрена  природа.

И покрај вообичаеното мислење, поттикнато од прекрасните песочни плажи и проѕирното море, Анталија е далеку од само летна дестинација – таа е и возбудлив живописен простор за истражување, поврзување со историјата и враќање кон природниот ритам на живот. За љубителите на тишината, авантурата и автентичноста, пешачките и планинарски рути се патувања што се паметат подолго од каква било разгледница.

Сето ова ја прави Анталија дестинација која нуди мног за вложеното- токму затоа Македонците постојано ѝ се враќаат. 

Турција останува безбедна туристичка дестинација: Патувањата и летовите се одвиваат нормално

Министерството за култура и туризам на Република Турција и Агенцијата за промоција и развој на туризмот на државата (ТГА), информираат дека туристичките активности низ целата земја се одвиваат целосно нормално и вообичаено, а побарувачката за патувања во Турција останува на исклучително високо ниво.

И покрај засиленото медиумско известување за конфликтот во одредени делови од поширокиот регион на Блискиот Исток, факт е дека Турција е медитеранска земја и не е страна во овој конфликт. Нејзините водечки туристички дестинации, како што се Истанбул, Анталија, Бодрум, Измир, Кападокија, Егејскиот брег и Турската ривиера, кои се меѓу најпосетуваните во светот, продолжуваат сосема редовно и без прекин да пречекуваат гости од Европа, Северна Америка и од регионот Азија-Пацифик.
 

 
Ниту еден аеродром не е затворен, ниту, пак, постојат било какви ограничувања или пренасочувања на летови поради регионалните случувања, а авиокомпаниите што оперираат кон Турција не пријавиле ниту еден откажан лет поврзан со конфликтот.

И трето, но многу битно, е дека летната сезона 2026 во Турција е отворена за резервации, кон кои може да се пристапи со целосна доверба. Побарувачката за туристички аранжмани и резервации останува висока кај патниците кои имаат јасна претстава за географската положба на земјата. Министерството за култура и туризам на Турција и натаму ќе биде посветено на поддршка и комуникација со партнерите и со туристичкиот сектор, преку обезбедување податоци, изјави и дополнителни информации кога тоа ќе биде потребно.