РЕК Битола ќе се затвори, индустријата ќе плаќа данок за загадување


Струјата ќе поскапи, РЕК Битола ќе престане да работи, а индустријата најверојатно ќе плаќа CO2 данок – е цената што ќе треба да ја плати Македонија за да ги имплементира обврските  околу Парискиот договор и за да се справи со климатските промени.

Ова беше речено денес на конференцијата „Климатски промени:Глобалните предизвици и националните можности“ што се одржа во рамките на Националната конвенција за ЕУ за Република Северна Македонија, на која расправаа министерот за жвотна средина и просторно планирање Насер Нуредини, експерти од нашата држава и директорот на Директоратот за климатски промени во Министерството за животна средина на Словачка, Милан Звара.

Според Александар Дединец, научен соработник во Истражувачкиот центар за енергија и одржлив развој во МАНУ, затворањето на РЕК Битола сигурно ќе се случи, но тоа треба да се направи безболно за граѓаните во тој регион.

„Во Битола не веруваа дека во новата стратегија за енергетика пишува дека овој капацитет не може да работи по 2025 година“, дополни Елена Николовска од Еко-свест, која побара пред да се преземе ваква мерка, да се мобилизираат јавните и приватни ресурси  за да се обезбеди праведна транзиција кон обновливи извори на енергија. Според неа, треба да се направи ревизија за националните придонеси за борбата против климатските промени и тие да бидат поамбициозни, но и да се најде решение за над 3.500 вработени  во РЕК Битола и во ТЕЦ „Осломеј“, за населението од регионот со јаглен, за секторите со високи емисии на јагленород  и за сите што ќе трпат загуби од последиците од климатските промени и од мерките за нивно спречување.

Според Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник за климатски промени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Македонија произведува помалку отровни гасови по глава на жител од просекот на ЕУ, но кога тие проценти се стават во контекст на Бруто општествениот производ – ние како држава  загадуваме четирипати повеќе  од просекот на ЕУ. Според Дединец, во таа емисија на гасови енергијата учествува со над 70 отсто, поради што Македонија како една од првите земји во Европа изготви Студија за енергија и клима, со која се предвидуваат мерки и се изнесуваат очекуваните ефекти, пред се од процесот на енергетска ефикасност и декарбонизација. Во две од трите сценарија во таа студија РЕК Битола не работи, бидејќи данокот за загадување (CO2) што се навестува и кај нас ќе влијае на цената на струјата што ќе се произведува, сo што работата на овој капацитет ќе стане неисплатлива. Според овие проценки, веќе од годинава ќе расте и цената на струјата и тој тренд ќе продолжи до 2023 година, откако електросистемот на Црна Гора ќе се поврзе со тој на Италија, каде што таа сега е многу поскапа. Студијата предвидува и електрификација на греењето и ладењето  што со другите мерки ќе доведе до драстично намалување на нивото на штетни гасови во воздухот – во најамбициозното од трите сценарија до 65 отсто.

-Оваа енергетска транзиција би не чинела од 9 до 17 милијарди евра до 2040 година, процени тој, додавајќи дека таа сепак ќе доведе и до заштета од 7,4 милијарди евра. Како заклучок тој додаде дека ТЕЦ „Осломеј“ не може веќе продолжи со работа исто така и дека се планира негово супституирање со фотоволтаична централа.Тој повика во сите идни инвестирања да се земат во предвид не само економските туку и ефектите врз животната средина ,особено кога ќе се носи дефинитивната одлука за РЕК Битола. Тој побара и внимателно избирање на локациите за малите хидроцентрали, тврдејќи дека таксата за CO2 е веќе извесна, дека е неопхпдна и се работи на неа. Тој сепак оцени дека медиумите денес шират дезинформации за аерозагадувањето бидејќи не прават разлика меѓу 24-часовни и едночасовни концентрации на штетни честички.Грнчаровска исто така дополни дека треба да се има во предвид дека голем дел од нив не се хемиски елементи туку прашина, со оценка дека таа сепак е прекумерна.

Милан Звара од директоратот за климатски промени на Словачка низ бројки од  ЕУ покажа како треба да изгледа таа енергетска транзиција во нашата држава. Според него, до 2030 година јагленот ќе исчезне од индустријата и ќе се спроведе електрификација на транспортот, а за трети земји ЕУ ќе воведе данок на CО2 на границата за производите за кои се троши повеќе енергија од пропишаното во Унијата.

„Многу пари ќе дојдат од ЕУ за овие процеси“, рече тој додавајќи дека Европската инвестициона банка ќе обезбеди еден билион евра за вакви заеми и ќе стане климатска банка, а дека од буџетот на ЕУ дури 25 отсто ќе се трошат за оваа намена.За Словачка тој кажа дека досега редуцирала 41 отсто од емисиите на штетни гасови и дека целта сега е поамбициозна, оценувајќи дека притисокот кон сите да се приклучат ќе биде природен и неизбежен.

-Климатските промени станаа приоритет на новата ЕК, а тие што сакаат во ЕУ ќе мора да го следат тоа, изјави Звара.

На конференцијата беше и министерот Насер Нуредини кој најави засилени контроли во индустриските погони заради големото загадување, но со оценка дека се уште не е време за активирање на вонредни мерки бидејќи не е поминат прагот. Место тоа тој апелираше до индустријата и до граѓаните да користат поеколошки материјали за греење. Милева Ѓуровска од Националната конвенција на ЕУ за Македонија , како домаќин на конференцијата, нагласи дека е време експертски да се проговори а не политички за овие теми и климатските промени да станат главна вест во секојдневието.