Расте гневот кај сточарите, субвенциите се само еден од проблемите
Сточарите незадоволни од третманот што го имаат од надлежниот министер. Му се обраќаат директно на премиерот за да ги види нивните маки со државата

БИТОЛА – Сточарите одгледувачи на овци веќе не го кријат незадоволството од состојбите во секторот, особено за доцнењето на исплатата на субвенциите за овците и тешкото справување со болеста син јазик. Се жалат дека –„има многу болни работи кај нас сточарите, ние сме последна гранка и никој не нѐ ферма“.
Огледувачите на овци пред Нова година зедоа само 600 денари по овца. Значи сега државата за 2024 им должи уште по 1.400 денари од овца на земјоделски стопанства одгледувачи на овци. Поседната објава од МЗШВ е дека во декември лани исплатени се субвенциите за овците – за мерката 2.8 Директни плаќања за обележани женски грла овци постари од 12 месеци, при што исплатени се 182,6 милиони денари кон 2.058 корисници. Тоа значи дека во државата се останати само уште 2.000 одгледувачи на овци.
По новата програма за субвенционирање годинава, за грло овца сточарите ќе земат 3.000 денари. За да добијат субвенции мора 30 проценти од јагнињата да ги однесат на колење во регистриран кланичен капацитет.
Сточарите се жалат дека укината е субвенцијата за чување на женско јагне, јагне предадено во кланица, а зголемена е и сметката за пашарина.
Сега сточарите бараат исплата на субвенциите за овците најдоцна до 5 септември, во спротивно ќе организираат протест пред МЗШВ.
Одгледувачите на овци пред три дена се собраа во Кичево на предупредувачки протест.
„Го молиме премиерот Христијан Мицкоски да ги земе предвид барањата на сточарите, одгледувачи на овци за исплата на субвенциите оти министерот за земјоделие не можеме да го добиеме поради презафатеност со реклами. Сите рокови се пробиени“, вели Боби Бошевски сточар од Пелагонија, претседател на новоформираното здружение на сточари „Современ сточар“.
Одгледувачите на овци се жалат на ниската и неприфатлива цена за откуп на јагнето во домашните кланици. Ако лани килограм жива мера беше 240 денари, годинава е 210 денари, или како што велат овчарите, пола евро се „скинати“ на секое кило јагнешко месо.
„Претходната година јагнето беше 240 денари, сега е 30 денари помалку за кило жива мера. Нека ми ја каже математиката министерот дека сега е подобро, каде ја учел таа математика да одам и јас на курс“, вели Александар Станоевски млад сточар од село Орман, охридско.
Одгледувачите на овци од Кичево испратија јасни пораки до власта, дека парите им се потребни за обезбедување храна за стоката и секој ден задоцнување на исплатата за нив значи задолжување. Сточарите веќе размислуваат за голем протест пред Владата и како што велат – „Сега е моментот пред избори, мора некој да се појави од власта“.
Уште во јуни директорот на Платежната агенција Илија Стоилев, најави исплата на субвенции и во телевизиско гостување кажа дека „со најновите налози кои се изработени во Агенцијата за многу краток период од денешното мое гостување овде во емисијата ќе бидат исплатени субвенции на задоволство на сточарите.“
Помина јуни, помина јули, помина август, а пари на сметките на одгледувачите на овци. Но има големо незадоволство.
„Не го бива вака, платени се само мал дел од субвенциите за овците, повеќе се неисплатени, поминува годината, а сточарите немаат земено пари. Храната за стоката поскапе, плаќаме овчари и ред други трошоци“, вели повозрасен сточар од кичевско.
Сточарот Миле Николоски од село Вранче, прилепско, ситуацијата во овчарството ја оцени како жална.
„Ние не се собравме само за субвенциите, мора да доставиме барање до МЗШВ за сите проблеми во сточарството, иако субвенциите се на прво место. Пашарина плаќаме, пари ни земаат, а вода немаме, каде стоката да пие вода?“, вели Николоски.
За одгледувачите на овци голем проблем е и појавата на болеста син јазик кај стоката по што бројат загуби. Велат дека никој од ветеринарните служби не е заинтересиран да помогне околу сузбивање на болеста.
„Мора да се едуцираат сточарите од страна на стручни лица од МЗШВ за да можат да спасат нешто од болните овци, а не сточарите да си ‘делат памет’ меѓусебно како се лечи болеста со апови –едниот ‘вибрамицин’, другиот ‘парацетамол’. Кој како знае така лекува со вакцини од Албанија, Србија, Грција… Значи нема интерес кај министертвото да им помогне на сточарите во справување на болеста. Овците ни умираат, немаме обештетување, и натаму лекот на го знаеме“, се жалат сточарите.
Револтот кај огледувачите на овци е и поради една друга ситуација. Како што велат, на чело на Сојузот на одгледувачи на овци е лице кое веќе не чува стока, ја распродал, но сѐ уште управува со здруженијата на сточарите. Па затоа сточарите велат: „Не може Сојузот на сточарите да го води човек кој што се откажал од овчарството. Тој што ќе биде на чело мора да има стока“, сметаат тие.
Незадоволството на голем дел од сточарите од работата на претставниците на Сојузот на одгледувачи на овци резултирало со формирење на ново здружение кое во иднина ќе ги застапува интересите на сточарите.
Новото здружението „Современ сточар” за претседател го избра Боби Бошевски. Ова здружение ќе биде застапник на сточарите од поголемиот дел од државата.
„Неколку пати се обидовме да комуницираме со министерот, но не можеме да стапиме во контакт, затоа упатуваме повик до премиерот Христијан Мицкоски –‘Погледнете го овој народ, денес излезе во Кичево, утре во Битола и во сите градови’. Не сме многу сточари, ама сме единствени. Си ги бараме основните субвенции и сите други неисплатени по основ на други мерки. Бараме да се реши проблемот“, вели Бошевски од „Современ сточар“ и додава – „Го молиме Министерствотото за земјоделие да ја препознае вистинската страна и еднаш засекогаш да се разговара со оние кои што работат, произведуваат и чуваат стока“.