Пурпурниот Охрид

КОСТАДИН БОГДАНОВ

Пурпурната боја е нијанса која се добива со мешање на црвената и сината боја. Онака како што двете најголеми партии вешто ја измешаа за време на двата круга од претседателските избори и изборите за градоначалник во Охрид. Согласно општите сфаќања кај луѓето, пурпурната боја симболизира благородништво, моќ, луксуз, амбиција, креативност, гордост, независност… Но во случајот на пурпурниот Охрид (но и Ново Село), оваа мешавина од двете примарни бои (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), ја симболизираше изборната реалност во која се најде најголемата опозициска партија, а тоа е -натпартискиот кандидат проф. Гордана Силјановска-Давкова убедливо го победи ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, но ВМРО-ДПМНЕ, со својот застарен наратив, овозможи нејзин убедлив пораз на државно ниво.

Имено, професорката како личност се покажа за добар избор за кандидат за претседател на опозициската партија, со оглед на новонастанатите околности во кои се најде таа по Преспанскиот договор. Нејзиното богато си-ви, пред сè како меѓународно признаен професор по право, тврд легалист, умерен либерал, со прилично силен кредибилитет во јавноста, и конечно, жена, успеа да анимира и привлече на свое конто значаен број од гласовите на т.н. „свингери“, непартиски гласачи, кои, во редовни околности, очигледно, сè уште не се подготвени да препознаат квалитативна разлика во наративот на опозициската партија од пред две или три години и денес. И со тоа да го дадат својот глас за ВМРО-ДПМНЕ на некои евентуални парламентарни избори, или како во случајот со Охрид и Ново Село, локални избори.

Резултатот покажа дека професорката како натпартиски кандидат победи во 43 општини, вклучително и во оние две кои ВМРО-ДПМНЕ ги загуби. „Победата“ на професорката над кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ е особено изразена во пурпурниот Охрид. Резултатот помеѓу партискиот кандидат г. Милошевски и натпартискиот кандидат г. Силјановска-Давкова покажа разлика од 2.500 гласа во двата круга на гласање во корист на професорката. Дополнително, особено алармантен треба да биде фактот што партискиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Охрид, Милошевски, во првиот круг од изборите успеа да освои помалку гласови од својот сопартиец Тилевски во 2017 година, кој беше поразен уште во првиот круг од изборите од страна на СДСМ. Сличен е случајот и во општина Ново Село. Тоа покажува дека опозициската партија, со актуелниот наратив, сè уште тешко допира до „неопределените“ гласачи и секое пресликување на солидниот изборен резултат на професорката врз замислени парламентарни или локални избори, создава лажна перцепција и искривена политичка слика на силите на теренот. Веројатно, да не беа локалните избори во овие општини како одраз на реалноста, и тие две на виртуелната мапа ќе беа обоени во црвено.

Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ најави жестока политичка борба против политичкиот конкурент за негова детронизација на следните парламентарни избори, еве и јас да дадам еден личен, мал придонес во остварување на таа цел, едно мало камче во мозаикот на патот до победата. Најпрво, ако сакаме нешто да промениме, а со тоа и да излеземе од состојбата на апсолутна опозиција (а сакаме), треба да тргнеме прво со промена на самите себеси. Тука, пред сè, подразбирам промена на секојдневниот политички наратив и реторика на партијата, која треба да се одлепи од минатото и да се фокусира на иднината и новонастанатите околности. Реторика без омраза, без внатрепартиски и општествени поделби, без етикетирање, без претеран национализам со примеси на шовинизам. Политика без глумење на СДСМ од 2014, без седење на две или три столчиња истовремено, без постојано вртење во круг без јасен став, без „ниски страсти“, без гол популизам.

Крајно време е ВМРО-ДПМНЕ да се сврти кон сопствениот статут, во кој недвосмислено е зацртана идеологијата на модерните народни партии, која е суштински спротивна на филозофијата на популизмот. Модерните народни партии се залагаат за вистинска демократија во општеството. За модерните народни партии политичкиот конкурент не е антидржавен елемент ниту елемент кој треба да се уништи и никогаш да не му се честита ниту една политичка победа. За модерните народни партии е сосема вообичаено и здраво да се има различни мислења и политики во едно општество и по најчувствителните теми. Модерните народни партии веруваат во институциите на сопствената земја. Веруваат во судството, веруваат во администрацијата, веруваат во полицијата, веруваат во војската… Ширењето говор на омраза, ксенофобија или лажна супериорност е во спротивност со нивното политичко битисување. За модерните народни партии мултикултурализмот и мултиетничноста на едно општество претставуваат додадена вредност за општеството, потенцијал со огромни можности. Модерните народни партии длабоко веруваат во перспективите кои ги овозможува интеграцијата на европските народи. За нив соседите на нивните земји не се „душмани“ кои сакаат да ги распарчат или да ги тргнат од „библискиот“ пиедестал туку, напротив, во нив гледаат искрени пријатели со кои можат многу да споделат заради доброто на сопствените граѓани и развојот на нивните општества.

ВМРО-ДПМНЕ сопствената идеологија и наратив како политичка партија мора да ја гради врз концептот на модерните народни партии. Тоа е патот по кој партијата треба да се развива во иднина и да биде препознатлива во политичката арена како центар-десно ориентирана партија. Голиот популизам во „името на народот“ е предодреден да ја гарантира улогата на опозиција, особено при овие новонастанати околности, односно нова реалност, која партијата одбива да ја прифати. Има сосема доволно време до следниот изборен циклус да се засукаат ракавите, да се посетат општинските и месните комитети и во најруралните средини, со цел членството да биде нахрането со вистинските информации и политички вредности својствени на цивилизираните демократии, дури и по цена дел од нив да не успеат да се пронајдат себеси надвор од екстремните наративи. Само на тој начин, ВМРО-ДПМНЕ многу скоро повторно ќе ја добие честа и одговорноста да ја води државата, и со тоа да ги вгради овие модерни вредности во севкупниот општествен систем заради просперитет и благосостојба на секој поединец во него.

(Авторот е адвокат и член на ВМРО-ДПМНЕ)

loading...