Првиот човек на УЕФА во посета на ФФМ, ќе се сретне и со Мицкоски и со Ристовски
Претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) Александар Чеферин, денеска престојува во официјална посета на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на покана на првиот човек на македонскиот фудбал Масар Омерагиќ.
Посетата, како што е соопштено, „претставува уште една потврда за одличните односи меѓу ФФМ и УЕФА, како на институционално, така и на лично ниво“.
„ФФМ е високо ценета во рамки на европското фудбалско семејство, а присуството на Александар Чеферин дополнително ја нагласува поддршката за развојните процеси во македонскиот фудбал“, се наведува во соопштението на „Куќата на фудбалот“.
Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА.
Според агендата, Александар Чеферин, ќе биде примен од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, а ќе има средба и со министерот за спорт Борко Ристовски, по што ќе следува состанок во „Куќа на фудбалот“.
Фокусот на разговорите е ставен на идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти, до дополнителен развој и поддршка на младинските категории.
„Александар Чеферин важи за голем пријател на македонскиот фудбал, а неговата посета е јасна потврда за заложбите на ФФМ и претседателот Омерагиќ во континуираниот развој и афирмација на фудбалот во земјата. Дополнително, посетата се очекува да придонесе за продлабочување на соработката преку нови конкретни проекти и иницијативи под капата на УЕФА, со цел создавање подобри услови за развој на фудбалот на сите нивоа“, се наведува во соопштението.