Принцот Хари во ненајавена посета на Украина за да го „потсети светот“ на војната
Принцот Хари утрово допатува во Украина за да ги „потсети луѓето дома и ширум светот“ на војната на земјата со Русија, пренесе ДПА.
Хари беше снимен од екипата на „ITV News“ како пристигнува на железничката станица во Киев денеска наутро, слегувајќи од ноќниот воз од Полска и поздравувајќи ги луѓето на перонот.
– Добро е што сум повторно во Украина – го цитираше радиодифузерот неговиот прв коментар.
Војводата за „ITV News“ изјави дека сака „да ги потсети луѓето дома и низ целиот свет со што се соочува Украина и да им даде поддршка на луѓето и партнерите кои вршат извонредна работа секој час од секој ден во неверојатно тешки услови“, пренесе ДПА.
Хари ја опиша Украина како „земја која храбро и успешно го брани источното крило на Европа“ и додаде дека „важно е да не го изгубиме од вид значењето на тоа“.
Додека се подготвува да зборува на Безбедносниот форум во Киев, кој се одржува денеска и утре, тој истакна дека неговата порака до Украинците е дека „светот ве гледа и ве почитува“.
„ITV News“ објави дека Хари во својот говор во украинскиот главен град ќе порача дека светот не смее да „отрпне“ на војната или на кој било друг конфликт.
– Ова е војна за вредности, а не само за територија – ќе нагласи тој во своето обраќање.
Оваа ненајавена посета доаѓа само неколку дена откако тој ја заврши турнејата низ Австралија со својата сопруга Меган.