Пратеници од „Европскиот фронт“ бараат анкетна комисија за инцидентот на министер во Собранието
Група пратеници од „Европскиот фронт“ поднесoa до Собранието предлог-одлука за формирање на анкетна комисија со цел утврдување на сите факти и околности поврзани со сериозниот инцидент што се случи во просториите на Собранието, при кој член на владата употребил навредлив и понижувачки говор кон пратениците.
Секое однесување што го нарушува достоинството на пратениците и авторитетот на Собранието претставува директен удар врз демократските институции и не смее да остане без политичка и институционална одговорност.
Според предлогот, анкетната комисија ќе има мандат да ја разгледа хронологијата на настанот, однесувањето на сите вклучени лица, постапувањето на институциите и на службите на Собранието, како и да утврди дали се повредени достоинството на Собранието, правата на пратениците и принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото.
Особено важно прашање е и одбивањето да се овозможи пристап до снимките од официјалниот систем за видеонадзор на Собранието. Имајќи предвид дека инцидентот се случил при вршење јавни функции и вклучува државни функционери, постои јасен јавен интерес сите релевантни докази да бидат предмет на институционална проверка. Затоа, Анкетната комисија треба да утврди и дали ова одбивање било во согласност со законот, Деловникот на Собранието и стандардите на институционална транспарентност.