ЈП Паркинзи на Општина Центар отвори нова канцеларија за грижа за корисници


ЈП Паркинзи на Општина Центар официјално ја отвори новата канцеларија за грижа за корисници, современ простор наменет за побрза, поквалитетна и поефикасна услуга за сите корисници на претпријатието.

Како што информираат од ЈП ПОЦ Центар, во рамки на инвестицијата е изведен целосно нов и модерен ентериер, воведен е современ административен систем за управување со редот на чекање преку автоматско издавање бројчиња, набавени се нови специјализирани скенери за обработка и дигитализација на документацијата и нова информатичка опрема, а инсталирани се и системи за видео надзор и алармна заштита.

-Денес не отвораме само нова канцеларија – отвораме нов начин на комуникација со нашите корисници. Тука ќе доаѓаат граѓаните кога им е потребна информација, кога склучуваат договори, поднесуваат барања или кога им е потребна поддршка за прашања поврзани со работењето на претпријатието. Со оваа инвестиција воспоставуваме повисок стандард во односот кон корисниците. Современата опрема и новите административни решенија ќе овозможат побрза и поефикасна услуга, поедноставни работни процеси и подобро корисничко искуство. Инвестираме во современи услови затоа што веруваме дека зад секоја добра јавна услуга стои добро организиран систем и професионален однос кон секој корисник – вели директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски.

На отворањето присуствувал и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој истакнал дека модерните јавни услуги започнуваат со квалитетен однос кон граѓаните.

-Отворањето на новата канцеларија за грижа за корисници е директно вложување во подобра и подостапна услуга за граѓаните. Корисниците отсега на едно место ќе можат побрзо и поедноставно да ги завршат своите обврски и да ја добијат потребната поддршка. Го поздравувам вложувањето на ЈП ПОЦ во модернизација на условите и работните процеси, бидејќи токму преку вакви конкретни чекори се гради довербата и се унапредува квалитетот на јавните услуги, изјавил  Герасимовски.

Новата канцеларија е целосно реализирана со сопствени средства на јавното претпријатие и претставува дел од континуираниот процес на модернизација на претпријатието. Со нејзиното отворање се создаваат подобри услови за прием и услужување на корисниците, како и поорганизирани и поефикасни административни процеси.